Велес, 23 април 2020 (МИА) – Состојбата во Велес е добра и соодветно се постапува, а во текот на изминатото деноноќие нема регистрирано новозаболени од коронавирусот. Ова е констатација на Општинскиот штаб за заштита и спасување, која денеска ја соопшти градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Тој информира и за спроведувањето на претходно донесените мерки и активности за заштита од ширење на коронавирусот во Општина Велес.
Коцевски појасни дека Центарот за јавно здравје продолжува со вообичаената работа и постапка за земање брисови, а направени се дополнителни инспекциски контроли, како и четири дезинфицирања на маркетот „Кит-Го“, како мерки за заштита.
Во ЈЗУ Општа болница – Велес, згрижени се 22 болни лица, од кои еден пациент е со потешка клиничка слика. Во Здравствен дом двајца се сè уште во изолација.
–Од МВР – СВР Велес сме известени дека велешанки и велешани ги почитуваат законските прописи кои важат за овој период. Со помош на ЈКП „Дервен“, Територијалната противпожарна единица – Велес, вработените во ЈП „Парк – спорт” и волонтерите од ОО на Црвен крст – Велес, општината добро се справува со состојбата и за сега нема потреба да бараме помош и поддршка од припадниците на Армијата. Но доколку навистина имаме потреба од асистенција, Армијата стои на располагање, истакна Коцевски.
Тој потенцираше дека Градскиот пазар е добро организиран и дека 80 проценти од отворените пазари во државата се затворени.
– Но, Општина Велес презема добри мерки за претпазливост и за организирање на работата на пазарот и дека на ист начин ќе продолжи со работа пазарот и во наредниот период, најави Коцевски.
Тој информира дека е „завршена е дезинфекцијата на скоро сите станбени згради, континуирано се врши дезинфекција на јавно-прометните површини, се чистат дивите депонии во градот, се врши дезинфицирање на населените места, а непрекинато со дотур на вода за пиење се снабдува населеното место Сопот“.
Градоначалникот информираше дека мобилните екипи на ОО на Црвен крст – Велес континуирано работат и се на терен за потребите на жителите. Извршени се 12 набавки за лекови и храна, осум асистенции за психосоцијална помош се пружани, распределбата на хуманитарните пакети се врши со поддршка на волонтерите на ОО на Црвен крст – Велес, како и со волонтерите и возилата на ОЈУДГ „Димче Мирчев”. Додека пак „Хабитат Македонија” и Црвен Крст на државно ниво обезбедија хуманитарни пакети наменети пред сè за социјално ранливите категории граѓани од Ромската етничка заедница. Лекарот – волонтер интервенирал во два случаи.
–Велешанки и велешани ја потврдија својата хуманост на неодамнешната крводарителска акција при што 63 крводарители даруваа крв, а тоа е повеќе од очекуваното, истакна градоначалникот и воедно изрази благодарност во името на сите жители на Општина Велес.ад/ир