Куманово, 23 април 2020 (МИА) – Околу десет проценти од чевларските компании во Куманово работат во овој период. Дел од фирмите користат или планираат да користат владини мерки за да се ублажат негативните последици во производството.
Според претседателката на Здружението на чевлари – Куманово, Лидија Милановска, од почетокот на ширењето на коронавирусот, поголем дел од производителите прво се соочиле со недостиг на материјали за работа.
Оваа индустрија беше меѓу најпогодените зашто најголем дел од соработниците на кумановските чевларски компании се од Италија.
-Недостиг на материјали за работа е еден од повеќето услови поради кои фирмите не работат со полн капацитет. Уште со затварање на границите со Кина имавме потешкотии, бидејќи најголем дел од репроматеријалите се набавуваат баш оттаму. Потоа се надевавме на добавувачи од Италија. За наша несреќа жариштето на коронавирусот во Европа се префлри во Италија. Вонредната состојба во Италија за нашето производство имаше екстремни последици, бидејќи таму се извесуваат полуготовите производи, изјави Милановска.
-Дел од производителите веќе подготвуваат одредени предлози кои преку Стопанската комора ќе бидат предложени до надлежните. Престојните месеци ќе бидат тешки. Но, лично сум оптимист и се надевам дека ќе се избориме со оваа криза, рече Милановска.
Во Здружението има околу педесетина компании во кои се ангажирани околу 1.400 работници. ам/мч/