Утрински Весник
Македонија

Почна реконструкцијата на ски-лифтoвите на Пониква

Почна реконструкцијата на ски-лифтoвите на Пониква

Кочани, 23 април 2020 (МИА) – Компаниите „Инокс-сервис“ од Кочани и „НАСА КОМ“ од Скопје, кои со тендерска постапка се избрани за изведувач и надзор, денеска ги презедоа работните задачи од проектот за реконструкција на ски-лифтовите на Пониква.

Според договорените обврски, ќе се направи реконструкција на машинските и на електричните делови, односно промена на влечните јажиња и котвите, ќе се изврши ремонт на моторите, како и целосна замена на електрониката и управувачките делови на ски-лифтовите.

За реконструкцијата на двата ски-лифта на Пониква се наменети 4,8 милиони денари, обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и од буџетот на Општина Кочани. Одлуката за реконструкција беше донесена на регионалните форуми во Источниот плански регион што минатата година се одржа со претставници од граѓанскиот, јавниот и бизнис-секторот од сите 11 општини од регионот.

– Постојните ски-лифтови на Пониква се застарени, во мал број, нивната работа е проследена со чести дефекти, што ја оневозможува максимална искористеност на капацитетот на ски-патеките. Спортско-рекреативниот центар на Пониква е единствен скијачки центар во регионот, кој е зацртан во Просторниот план на нашата држава како еден од 34-те зимски туристички центри. Оттука,  неговиот развој има регионална димензија и заслужува посветеност, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Според договорот, реконструкцијата треба да се изведе во период од 45 дена, а со реализацијата на проектот ќе се подобри туристичката понуда за посетителите на Пониква преку модернизација на постојната инфраструктура.

Програмата „Регионални форуми во заедницата“ ја реализира Центарот за развој на Источниот плански регион во соработка со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка. та/аа/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме