Скопје, 23 април 2020 (МИА) -Две фотонапонски централи од по 10 мегавати во сопственост на АД ЕСМ и една од 100 мегавати која ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнерство, ќе го заменат капацитетот на РЕК Осломеј, кој изнесува 120 мегавати инсталирана моќност, вели генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
За енергетската трансформација која се спроведува во државава започната преку најголемиот проект на изградба на фотонапонски електроцентрали на местотот на исцрпениот рудник за јаглен во РЕК Осломеј-Кичево репортажа емитуваше балканската телевизиска мрежа Ал Џазира.
Ковачевски потенцира и дека истовремено со енергетската трансформација се работи и на социјална трансформација, односно дел од вработените во термоелектраната Осломеј ќе бидат префрлени во фотонапонските електрани.
-Проектот наидува на поддршка кај локалното население и исто така е поздравен и од Европската енергетска заедница од чија страна Северна Македонија беше истакната како лидер во реформите во секторот енергетика, нешто што се потврдува и со проектот за енергетска трансформација кој го спроведува АД ЕСМ, а чија цел е постепено префрлање на производството на електрична енергија од традиционалните технологии кон чисти и обновливи извори на енергија, како сонце, ветер и вода, информира ЕЛЕМ. оџ/лв/