Скопје, 23 април 2020 (МИА) – Како резултат на новите одлуки од Владата во врска со коронавирусот, Општина Карпош ги известува сите фирми кои вршат достава на храна и лекови, а кои веќе имаат добиено известувања од општината за вршење дејност и во полициски час – дека тие и понатаму имаат важност (во тек на работната недела после 19:00 часот и за време на викендот), информираат од Општина Карпош.
Исто така, од општина наведуваат дека сите други компании кои сакаат да вршат достава на храна / лекови, а до овој момент не се пријавиле, треба да пополнат пријава и да ја испратат на kontakt@karpos.gov.mk , најдоцна до утре до 11:00 часот.
Дополнително, од оваа скопска општина ги информираат сите граѓани дека во текот на викендот, полицискиот час ќе започне во сабота од 15:00 часот и ќе трае до понеделник, до 05:00 часот.
Оттука, нерегистрираните земјоделци и гулабари, кои сакаат да вршат дејност за време на претстојниот викенд, да се пријават на kontakt@karpos.gov.mk , со име и презиме, живеалиште, локација каде ќе вршат дејност и во кој период од полицискиот час. Истите податоци да ги испратат најдоцна до 24-ти април (петок), до 11:00 часот.
– Кога станува збор за активистите кои хранат бездомни животни, за претстојниот викенд, преку регистрираните здруженија треба да се пријават во Град Скопје, до утре до 12:00 часот. Потоа, информациите ќе им бидат проследени до Министерството за информатичко општество и администрација, по што, на мејл ќе им биде испратена дозволата, известуваат од општината.
Оттаму истакнуваат дека сите нецелосни пријави и оние кои ќе бидат испратени по дадените рокови, нема да бидат земени предвид.оџ/лв/