Скопје, 22 април 2020 (МИА) – Не би сакал да прејудицирам со следниот сет мерки заради тоа што сепак тоа не е само прашање на политичката волја на Владата. Сите одлуки кои ги носиме се базираат на препоракитре на струката, на епидемиолозите, и на Комисијата за заразни болести, изјави премиерот Оливер Спасовски на денешната онлајн прес – конференција.
Тој потсети дека пред некое време најавил оти ќе се започнеме со олабавување на мерките по првомајските празници и тој став практично е став на Владата што значи носење на мерки кои полека, но сигурно ќе го враќаат животот во нормала.
-Тоа нема де биде одеднаш, тоа нема да биде сега и веднаш, туку мерки кои во ниту еден момент нема да придонесат да ни се врати пандемијата. Нема да придонесат да го загрозиме здравјето и животот на луѓето. Така што, денеска ги донесовме овие мерки кои се комбинација – носење на заштитна опрема визави зголемувањето на број на часови во кои ќе можат граѓаните да се движат. Не би сакал да прејудицирам со следниот сет на мерки заради тоа што сепак не е само политичката волја или на владата. Нашите мерки, сите одлуки што ги носиме се базираат на струката, се базираат на епидемиолозите, се базираат на Комисијата за заразни болести. Така што, правовремено ќе ги анализираме сите предлози кои ќе дојдат од Комисијата и врз основа на тоа чекор по чекор ќе ги носиме мерките. Единствено што треба да знаат граѓаните е дека секоја одлука што ќе ја донесеме ќе биде во интерес на граѓаните и државата, секоја одлука што ќе ја донесеме ќе биде во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, изјави Спасовски запрашан дали се размислува по првомајските празници и за отворање на граничните премини и аеродромите.
Во однос на мерките во делот на економијата и проценките на ММФ дека годинава не чека пад од 4 проценти, а следната раст на економијата од 7 отсто, Спасовски појасни дека приоритет на Владата во оваа криза се здравјето и животот на граѓаните, но исто така е важно да се помогне и во делот на економијата, да се помогне на компаниите, и на работниците да ги сочуваме работните места.
– Никаде во светот во државите не е прашање дали ќе има пад на економијата. Тоа е сосема нормално во едни вакви услови. Прашањето е да се преземат мерки кои ќе помогнат во овој момент на економијата и ќе ја доведат, би рекол жаргонски, во низок старт за да може во одреден момент да стартуваме и да имаме добра економска соработка. Ние соопштивме веќе дека побаравме поддршка од ММФ, ја добивме таа поддршка значителна, така што и на секој можен начин ќе се трудиме да обезбедиме што е можно повеќе финансиски средства што ќе ги насочиме токму во тој дел на реализација на важни капитални инвестиции заради тоа што тие придонесуваат за поттикнување на економската активност, да се осигура јавната и приватната потрошувачка во овој момент тоа е многу важно, рече Спасовски.
Тој информира дека денеска преку конференциска врска разговарал со директорот на ЕБОР, за линиите, за пакетот за солидарност којшто тие го нудат како поддршка на проекти и на локалните самоуправи, на локалните заедници. – Како Влада сме определени да можеме да искористиме се што треба да се искористи во делот на поддршка на Буџетот, поддршка на државата, на развојот на се што е економија и поддршка на граѓаните, рече премиерот Спасовски.
За тоа дали државата прави анализи за загубите во туризмот и кои се плановите, Спасовски истакна дека туризмот е една од гранките која е најмногу погодена од кризата и генерално тоа ќе се однесува и за цела туристичка сезона и најави нов сет мерки кои ќе ја опфатат и оваа економска гранка заради намалување на претрпените штети од корона кризата. .
-Ние утврдивме два сета на мерки. Во првиот економски сет беа вклучени сите компании кои што се занимаат со туризмот за да може уште од самиот почеток да имаат можности за обезбедување финансиски средства за ликвидност. Вториот сет мерки може да го користаст сите компани без разлика од која индустрија доаѓаат, а ќе може да ги користи и туризмот. Се прави анализа на секоја од гранките, на секоја од индустриите. Секако дека најверојатно ќе има потреба за носење нов сет мерки, меѓутоа посебно ќе треба да се носат и нов сет мерки кои ќе значат поддршка на туризмот, односно како и на кој начин да ја намалиме штетата која ќе ја претрпи оваа индустрија. Влада ќе направи се што треба за да помогне на компаниите и граѓните во наредниот период, посочи премиерот Спасовски. вг/са/