Утрински Весник
Македонија

Иницијатива на СДСМ за свикување на Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ против собирање на распуштеното Собрание

Виртуелна прошетка во зградата на Собранието на Република Северна Македонија

Скопје, 22 април 2020 (МИА) – Пратеници од СДСМ и од нивните коалициски партнери денеска се уште се консултираат, но и собираат потписи за иницијативата за свикување седница на распуштеното Собрание на Република Северна Македонија, за како што информираат, претседателот на парламентот да свика седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба од по 30 дена во земјата поради пандемијата со коронавирусот.

Седница, како што посочуваат од СДСМ, може да се свика седница со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во којшто во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“. Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

– Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во фукниција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услов. Најдоцна до утре барањето за свикување седница ќе биде доставено до претседателот на Парламентот, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ за МИА.

За тоа како би се одржала седницата, тој вели, дека би било согласно препораките на здравствените власти за држење дистанца односно електронски или во сали во Собранието каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците, како Салата во Куполата на најгорниот кат во Парламентот.

Претседателот на Владата Оливер Спасовски во „Утрински брифинг“ денеска го повтори ставот дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието

-Јас го кажав мојот став и неколку пати досега. Сметам дека и се уште сметам дека Собранието може да се состане заради тоа и според Изборниот законик и според Законот за Собранието пратениците имаат мандат се до изборот на новите пратеници. Ние како техничка Влада посакувавме да имаме Законодавен дом којшто ќе функционира. Ние се наоѓавме во состојба на распишани избори, немаме Парламент, ни се случи здравствената криза. Едноставно сметавме дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието, рече Спасовски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во неколку наврати посочи дека не може да свика седница на Парламент којшто се самораспуштиил. Џафери, како што велат од неговиот Кабинет, за иницијативата ќе се изјасни откако ќе пратениците ќе ја достават до него.

ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува иницијативата на СДСМ, а засега нема информации кој се од пратениците од албанскиот блок ќе ја поддржат оваа инцијатива.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, за МИА потенцираат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници, а ставот за тоа партијата го соопштила јасно на последната лидерска средба.
-Каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратенции, или пак е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓе буквално ги губат своите животи, Заев да носи лични еднострани решенија на штета на државата, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранието на Република Северна Македонија се самораспушти на 16 февруари со 108 гласови „за“ заради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април. Изборите беа одложени поради пандемијата со Ковид-19. ев/ац/

 

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме