Утрински Весник
Македонија

Седумдесет години од преименувањето на Царево село во Делчево

Седумдесет години од преименувањето на Царево село во Делчево

Делчево, 23 април 2020 (МИА) – Василево, Султанија, Царево село. Ова се трите имиња на градот кој на денешен ден 23 април пред 70 години, во далечната 1950 година од страна на Президиумот на Народното собрание на НР Македонија во чест на великанот Гоце Делчев донесува одлука Царево Село да биде преименувано во Делчево.

Како најголем град во областа Пијанец историјата на градот е испреплетена со многу премрежија на населението, спомнувајки го тука Разловечкото востание, но и Пијанечката република која функционирала до 1878 година под водство на револуционерот Димитар Беровски.

За поновото минато на градот најмногу податоци може да најдеме во книгата на поранешниот градоначалник професор Љупчо Прачковски која се подготвува и наскоро ќе биде објавена. Во неа се опишува животот во Делчево во периодот од 1920 до 1960 година и од 1960 до 2010 година.

– Во шеесетите години Делчево било мало гратче претежно населено на левата страна од река Брегалница. Потоа започнало проширувањето и на десната страна на река Брегалница, а во седумдесетите и на ридот Милково Брдо. Со порастот на вработените во работни организации во Делчево, растеше и бројот на населението во него. Денес Делчево е модерна градска населба со широки асфалтирани улици и булевари, канализациона мрежа и со паркови и зеленило, наведе Прчкоски.

Во своето дело Прачкоски ги опфаќа сите аспекти од живеењето на градот. Многу традиции, занаети и градби исчезнале а биле препознатливи за градот.

– Денес го нема веќе корзото, ниту серенадите и ги нема познатите боеми. Многу стари градби се срушени, на нивно место никнаа нови. Познатите соколи го одживеаја своето и заминаа во легендите на градот и во неговата историја. Ги нема ниту добро познатите занаетчии во старата чаршија, но затоа, пак, има развиена трговија која се учи да биде атрактивна и да одговара на барањата на современите
купувачи. Се раѓаат нови деца кои растат во личности кои секој на свој начин дава свој придонес и остава белег во развојот на градот, додава Прачкоски.

Книгата наскоро ќе биде достапна за јавноста, а во неа ќе прочитаме и за историјата на градот кога Делчево прераснува во урбана современа средина, која го живее 21-от век во демократско општество со изградена инфраструктура, но и со богат спортски и културен живот. Истата е посветена на неговото семејство, а се совпаѓа со 70 годишниот јубилеј од преименувањето на Царево село во Делчево. вс/см/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме