Скопје, 21 април 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче смета дека носењето заштитна маска ќе стане навика. Вирусот, како што вели, нема да исчезне по првиот пик, туку ќе трае до пронаоѓањето на вакцината која се очекува во 2021 година. Дотогаш сите мора да го модифицираат начинот на однесување и да ги користат сите мерки на заштита за да се спречи понатамошното ширење на вирусот.
Тој вечерва во емисијата „Топ тема“ каде се вклучи онлајн поради тоа што е во самоизолација, повтори дека според анализите пикот се очекува кон крајот на април и оти бројката на заболени би се движела околу 2.000.
– Вирусот нема да исчезне. Земјите го подготвуваат здравствениот систем за некој нов пик на есен. Тогаш имаме сериозна опасност покрај пациенти заболени од Ковид 19, да имаме и дополнителен број на заболени пациенти од сезонски грип. Значи, оваа приказна нема да заврши по првиот пик, ќе трае. Веројатно ќе заврши со вакцината која се надевам дека ќе дојде до 2021 година, но дотогаш сите мора да ги модифицираме начинот на однесување и да ги користиме сите мерки за заштита со цел да го спречиме ширењето на вирусот, рече Филипче.
За носењето на заштитни маски, посочи дека тие задолжително ќе се носат во затворен простор каде е поголем ризикот да се одржи физичката дистанца, а на отворен простор би се носеле доколку не може да се обезбеди препорачаната физичка оддалеченост.
– Во тек е проценка на тоа колку маски се на располагање во нашата држава. Уште една олеснителна околност е дека не мора да се носи хируршка маска, туку само прекривка или шал со што се спречува трансмисијата на вирусот. За загрозените категории на граѓани ќе ја преземеме обврската да обезбедиме маски. Сметам дека ова нема да биде некаков предизвик. Дури и сега гледаме дека граѓаните самоиницијативно носат маски, посебно во затворени простории, рече Филипче.
Во однос на предлогот на министерот Чулев за ограничување на движењето, Филипче рече дека за тајминзите може да разговараат на утрешната владина седница, но оти предлозите за скратување на полицискиот час, мерките за ограничување на движењето на постарите и помладите лица и носењето на заштитни маски одат заедно во пакет бидејќи само така може да дадат ефекти. бак/са/