Утрински Весник
Економија

Акцизата на нафтените деривати се зголемува за три денари (ДПЛ)

Времената либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати не предизвика ценовен шок

Скопје, 21 април 2020 (МИА) – За три денари се зголемува цената на акцизата за нафтените деривати во Република Северна Македонија. Оваа уредба со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба денеска ја донесе Владата како мерка за справување со кризата предизвикана од корона вирусот Ковид-19.

Како што појасни денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Муамет Хоџа, со оваа уредба, меѓу другото се пропишува износот на акцизата за безеловениот бензин, дизел горивото и горивото за греење. Хоџа информираше дека ако малопродажната цена на нафтата се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за еден денар, доколку пак цената се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари или ќе се врати цената пред воведување на оваа антикризна мерка.

– Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со корона вирусот и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби. Зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението со оглед на фактот дека зналителниот пад на цената на нафтата на светтските берзи предизвикува значлително намалување и на малопродфажните цени на горивата во нашата држава, истакна Хоџа.

Предложениот механизам, појасни тој, овозможува постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што, како што рече, се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од коронавирусот.

– Согласно оваа Уредба, цените на акцизите на нафтените деривати опфатени со неа се зголемува за три денари. Имајќи предвид дека имаме пад на цената на нафтата од околу 20 денари во период од 1 јануари до 6 април оваа година имаме услови за преземање на ваква мерка, односно зголемување на акцизата за нафтените деривати како антикризна мерка во борба против коронавирусот КОВИД 19. Потенцирам дека сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата ќе одат во Буџетот на РСМ, односно во Фондот за справување со коронавирусот за поддршка и финансирање на мерки за поддршка на стопанството и социјалните мерки за поддршка директно за граѓаните, појасни Хоџа.

Тој нагласи дека тврдењата оти зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната или другите дејности врзани со нафтените енергенси се финансиски неоправдани и неосновани.

– Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ќе креираа своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата. Согласно тоа, истите веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат, рече Хоџа.

Владиниот гласноговорник информираше дека во 2019 година во Буџетот на РСМ биле наплатени 240 милиони евра по основ на акциза од дизел, безоловен и екстралесно, а во 2020 година планот за акцизите по овој основ биле за околу плус 15 милиони евра споредено со 2019 година. Според проектираните сценарија, по кризата на годишно ниво падот на приходот по основ акциза од нафтени деривати при драстично намалено ниво на потрошувачка би изнесувало 12 проценти споредено со 2019 година или 30 милиони евра ако остане моменталната цена на акцизата

– Доколку цените на акцизата се зголемат за три денари до септември при истото драстично намалено ниво на потрошувачка ќе се покријат 18 милиони евра. Намалувањето ќе биде 12 милиони евра или во Буџетот по основ на акциза за нафтени деривати ќе има 228 милиони евра, односно 12 милиони евра минус 7,5 отсто помалку споредено со 2019 година. Ако цените на акцизата се зголемат за 3 денари до декември ќе се покријат 31 милион евра, или 241 милион евра на годишно ниво ќе има плус еден милион евра споредено со 2019 година, но секако се уште помалку од околу 14 милиони евра споредено со планот за 2020 година или проектирано 255 милиони евра по основ на акциза на нафта, појасни Хоџа.

Во прилог на оправданоста на зголемувањето на акцизата на нафтените деривати како антикризна мерка, Хоџа рече дека нашата држава има најниска цена на акцизата во споредба со висината на акцизата во други земји спрема поставениот минимум во ЕУ. бк/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст