Утрински Весник
Македонија

За еден месец поднесени 64 кривични пријави за непочитување на мерките , но и намалување на криминалитетот во тетовскиот регион

За еден месец поднесени 64 кривични пријави за непочитување на мерките , но и намалување на криминалитетот во тетовскиот регион

Тетово, 21 април 2020 (МИА) – За еден месец колку што трае ограниченото движење на граѓаните СВР Тетово има поднесено 64 кривични пријави со кои биле опфатени 79 лица осомничени дека го сториле кривичното дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, информираат денеска од тетовската полиција. Инаку во изминатиот 24 часовен период откриени се осум лица кои не ја почитувале, односно ја прекршиле одлуката за ограничено движење, поради што се лишени од слобода.

Од друга страна тетовската полиција бележи значително намалување на вкупниот криминалите во времето од донесувањето и практичната имплементација на одлуките за ограничено движење на граѓаните, како и на повеќето здравствено-превентивни и други мерки за спречување на ширењето, односно за справување со коронавирусот.

-На подрачјето кое го покрива СВР Тетово бележи намалување, апроксимативно за 50 и повеќе проценти. Ова, посебно се однесува на таканаречениот класичен криминал (кражби, тешки кражби и разбојништва), област во која кумулативната бројка во овој период неколку пати е помала од претходно. Она што е карактеристично е што најмногу од кражбите се со мала материјална штета. Забележително намалување на дневно и месечно ниво евидентираме и кај „неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, како и кај „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, потенцира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Според статистиката за над 40 проценти, исто така, на тетовското подрачје намалени се и прекршоците од областа на јавниот ред и мир, споредено со јануари и февруари 2020 како и сообраќајните несреќи. ас/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме