Утрински Весник
Македонија

Ќучук: Западниот Балкан е единствениот друг приоритет на ЕУ покрај коронавирусот

Ќучук: Западниот Балкан е единствениот друг приоритет на ЕУ покрај коронавирусот

Брисел, 21 април 2020 (МИА) – Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент (ЕП) во разговор за МИА од Брисел истакна дека освен за кризата со коронавирусот, Европската Унија се мобилизира само за интеграцијата на западниот Балкан.

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент со огромно мнозинство ги поддржа препораките содржани во извештајот посветен на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој требаше да се одржи во мај во Загреб, но најверојатно ќе биде одложен за јуни во форма на видеоконференција, изјави Ќучук, кој е известувач во сенка за овој извештај, покрај главниот известувач, Тонино Пицула.

– Ние во Европскиот Парламент работиме само на темите поврзани со коронавирусот, до сега единственото нешто надвор од коронавирусот за што сме гласеле се препораките за Западниот Балкан, ништо друго не сме изгласале во последниот месец, вели известувачот за Северна Македонија во ЕП и нагласува дека важен сигнал за регионот е и неговото вклучување во Фондот за солидарност на ЕУ, фонд кој е инаку исклучиво достапен за полноправните членки на Унијата.

Препораките изгласани вчера на комисиско ниво треба да бидат усвоени и на пленарна седница, но за сега таа не е закажана. Ќучук меѓутоа не се сомнева дека и на пленарна резолуцијата тие ќе наидат на широка поддршка, со оглед на тоа дека во Комисијата за надворешни работи се изгласани со само седум гласа „против“ и 58 „за“.

Оваа резолуција, упатена до високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, до Европската Комисија и до Европскиот Совет, бара, меѓу другото, да се одржи реформскиот притисок врз земјите кандидатки како и интегративниот процес од страна на земјите членки на ЕУ. Слободата на медиумите, борбата против корупцијата, владеењето на правото и, генерално, демократизацијата на општествата, остануваат клучните барања на Европскиот Парламент.

Европратениците бараат и вклучување на земјите кандидатки во големиот проект на Европската комисија – Конференцијата за иднината на Европа.

Извештајот изгласан вчера потсетува дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да започнат што поскоро, откако во март лидерите на ЕУ дадоа зелено светло за нивно отворање.

Ќучук е уверен дека без здравствена криза што ја погоди Европа, првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија ќе можеше да се одржи во јуни.

Меѓувладината конференција формално го означува отворањето на преговарачките поглавја.

Сега, вели тој, оптимистично сценарио е Конференцијата да се одржи по летните одмори, со оглед на тоа дека за сега нема никакви најави за состаноци со физичко присуство на ЕУ агендата.

Сепак, нагласува тој, информациите кои пристигнуваат до европратениците е дека Европската комисија веќе работи на преговарачката рамка. Преговарачката рамка е темелот врз кој се водат преговорите помеѓу двете страни.

– Основните теми се секогаш неколку: демократизацијата, човековите права, Северна Македонија направи не малку, се разбира остануваат работи, но се случија нешта без никој тоа официјално да го бара од Северна Македонија, еве законот за јавно обвинителство, нешто што го бараше Холандија, но не беше запишано. Економските прашања, дигиталната трансформација, тоа се важни теми што ќе бидат дел од тој процес, вели Ќучук за МИА.

Известувачот повикува сите политички сили – власт и опозиција – и граѓанскиот сектор активно да се мобилизираат во подготвувањето на македонската страна на преговорите, бидејќи станува збор за долгорочен процес кој треба час поскоро да се подготви.

Ќучук како известувач работи и на редовната резолуција на Европскиот парламент за Северна Македонија, но поради кризата со коронавирусот во овој момент нема прецизна временска рамка за нејзино објавување. тм/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер