Делчево, 21 април 2020 (МИА) – Изминатиот продолжен празничен викенд во Делчево се евидентирани пет непочитувања на забраната за движење, додека сите 20 лица кои се во самоизолација ги почитувале мерките и не ги напуштале домовите. По тој повод делчевскиот градоначалник Горан Трајковски јавно им се заблагодари на граѓаните што ги почитуваа мерките за заштита од Ковид-19.
-Изминатиов продолжен празничен викенд, кога се славеше големиот христијански празник, граѓаните останаа дома и ги почитуваа мерките со што дадоа свој личен пример и придонес во борбата со заразата на 21-от век, но и огромен придонес за нашата цел-оваа зараза да не се прошири на територијата на Општина Делчево. Од оваа болест не е имун никој и затоа апелирам и понатаму да се почитуваат мерките, да се носат заштитни маски, да се држи социјална дистанца и да нема групирање, рече Трајковски.
Додаде дека доколку некој има симптоми на болеста или е без симптоми, но имал контакти со заболени лица, задолжително да направи тест и веднаш да се самоизолира, без разлика на резултатите.
Делчево заедно со Берово и Македонска Каменица се меѓу неколкуте општини каде нема регистрирано позитивен случај на коронавирус. вс/ир