Утрински Весник
Македонија

Одржувањето на имунизацијата кај граѓаните е од витално значење за време на пандемијата

Одржувањето на имунизацијата кај граѓаните е од витално значење за време на пандемијата

Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ во заедничко соопштение потенцираат дека националните програми за рутинска имунизација на населението се посуштински од кога било досега. Токму итната потреба од вакцина против Ковид-19 ја потенцира клучната улога на имунизацијата на граѓаните во заштитата на животот и економијата.

Од СЗО и УНИЦЕФ ги потсетуваат владите низ целиот регион дека мора да ја искористат секоја потенцијална можност за да ги заштитат луѓето од многуте болести за кои веќе постојат вакцини. Тие посочуваат дека пропуштањето на рутинските вакцини го зголемува ризикот од појава на болести. На пример, во 2018 година, околу 527.000 деца ја пропуштија првата доза од вакцината против мали сипаници во европскиот регион на СЗО, а веќе една година подоцна во 2019 година, вирусот на мали сипаници зарази над 100.000 лица од сите возрасни групи.

– Од пресудна важност е рутинските програми за имунизација да продолжат и при оваа криза, истовремено соодветно заштитувајќи ги здравствените работници и лицата што примаат вакцина. Приоритет треба да биде опфаќање на најранливите деца кои ја пропуштиле рутинската имунизација – посочи Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

Доколку, во овие невидени времиња, локалните мерки за одговор на Ковид-19 предизвикуваат привремени прекини на рутинските услуги за имунизација, земјите треба да испланираат нивно продолжување веднаш штом ситуацијата се стабилизира, потенцираат од СЗО и УНИЦЕФ.

Во поглед на идната вакцина против Ковид-19, од СЗО и УНИЦЕФ нагласуваат дека кога таа ќе стане достапна, земјите треба да бидат подготвени да ги вакцинираат оние лица со поголем ризик, а најмаргинализираните категории на граѓани да имаат поеднаков пристап до вакцината.

– Можеме да ги спречиме натамошните ефекти од Ковид-19 врз нашите здравствени системи, така што ќе се погрижиме лицата од сите возрасти да се вакцинираат според националните програми. Ги повикувам државите да ги одржат услугите за имунизација и да ја поттикнат побарувачката за редовна вакцинација дури и во ова тешко време. Давањето предност на имунизацијата е една од моите четири приоритетни области и клучна за визијата на СЗО за здравјето во новата Европска програма на работа – рече д-р Ханс Анри П. Клуж, регионален директор на СЗО за Европа.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава

СДСМ: Божиновска и Мицкоски да кажат каде се 1 милион евра?