Скопје, 21 април 2020 (МИА) – Во државава утрово заврши најдолгиот, 85-часовен карантин кој ги задржа граѓаните дома за време на велигденските празници. Ефектот од ваквите рестриктивни мерки чија цел е спречување на ширењето на коронавирусот, властите го очекуваат на почетокот на мај, за кога и најавуваат дека ќе почне олабавувањето на некои од нив и враќање на животот во нормала.
Бројот на излекувани пациенти од корона вирусот во нашата држава достигна 200, откако вчера имаше повеќе излекувани – 21, од ново регистрирани случаи -18. Вкупниот број на заразени е 1.225 лица.
Ќе се зајакнуваат меките мерки за да не мора да се заоструваат рестриктивните.
Од Владата велат дека во тек се подготовки за олабавување на рестрикциите, но дека тоа нема да се случи преку ноќ. За да може да се обезбеди олабавување, мораме претходно сите заедно да си ја обезбедиме заштитата – маска/марама, два метри дистанца, негрупирање. Целта не е да се казнува, туку да се обезбеди што е можно пошироко почитување на мерките, од сите, брифираат од Владата.
Од среда граѓаните од општините Куманово, Тетово и Прилеп кога ќе излегуваат надвор од своите домови ќе мора задолжително да носат заштитна опрема – маска, шал, марама. Оваа важи за сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или слично.
Властите препорачуваат граѓаните да го редуцираат излегувањето од своите домови, и тоа само од најнеопходни причини, заради одење на работа, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките.
Од денеска се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.
Досега од Ковид-19 починати се 54 лица, од кои три во изминатите 24 часа.
Во изминатото деноноќие направени се 263 теста. Преку ИЈЗ –252, преку и Систина со PCR метода -11. Досега во земјата се направени вкупно 12.133 тестирања на ковид -19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје вкупно се хоспитализирани 56, од кои 18 се на кислородна поддршка, а тројца се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 септември“ се хоспитализирани 34 потврдени и суспектни пациенти. Со потешка клиничка слика се девет пациенти, а шест се на респираторна машина.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 14 пациенти потврдени и суспектни на ковид, а на домашно лекување се следат уште 15 пациенти.
Во штипската болница во моментов се лекуваат пет ковид позитивни пациенти, сите во стабилна состојба, а на домашно лекување се следат 19 пациенти, информираат од Министерството за здравство. аа/мч/