Утрински Весник
Македонија

Бигорска обител: Во ниеден случај не беа прекршени препораките и мерките од државните и здравствените власти

Бигорска обител: Во ниеден случај не беа прекршени препораките и мерките од државните и здравствените власти

Дебар,19 април 2020 (МИА) – Братството на Свештената Бигорска Обител попладнево преку соопштение, како што наведува, одговори на информациите објавени од одделни медиуми дека од страна на оваа обител не се почитувани препораките за заштита од коронавирусот за време на богослужбите, посебно синоќешното Воскресенско бдение.

-Бидејќи денеска во некои медиуми се појавија написи на одредени слабо информирани и недоволно свесни групации и поединци со обвинувања кон Бигорската Света Обител дека, наводно, не ги почитувала препораките на властите во врска за заштитата од короноварисуот, се најдовме повикани да им
одговориме на овие злонамерни или несвесни клевети, стои во сооопштението.

Се посочува дека, монашката заедница од четирите манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, ја
сочинуваат над педесет монаси, монахињи, искушеници, искушенички и верници волонтери кои се дел од едното семејство во Господа.

Исто така, се додава, дека  манастирите, кои се занимаваат со социјална мисија и општествена хуманитарна дејност, згрижуваат над шеесет лица од социјално ранливи категории, кои го делат манастирското секојдневие заедно со монасите и монахињите. Дополнително, во манастирите, со години,
константно престојуваат околу петнаесетина градежни работници, кои, исто така, се дел од нивните заедници.

– Во врска со спречувањето на пандемијата на коронавирусот, ги потсетуваме овие очигледно недоволно информирани кругови, дека нашите манастири меѓу првите институции во државата излегоа со став дека полезно и потребно е да се почитуваат одредбите и препораките од здравствените институции и државните власти и докрај останаа доследни на овие препораки. Така, на пример, манастирот во Рајчица
беше ставен во карантин триесет дена од страна на државните власти, а посетите во Бигорски, Пречиста и Кнежино беа значително редуцирани, се наведува во соопштението.

Следствено на тоа, како што стои во соопштението, бројот на луѓето кои присуствувале на богослужбите во изминатите денови, вклучително и на синоќешното Воскресенско бдение, го сочинуваат монасите, монахињите и верниците волонтери од четири манастири, штитениците што се лекуваат во нив,
градежните и други работници, верниците што се затекнале во нив кога беа донесени мерките од државата, како и членовите од екипата „2С Студио“, кои како нивни долгогодишни соработници, и оваа година, со дозвола од државните власти, присуствувале во Бигорски со цел да
помогнат при вршењето на директниот пренос.

– Како заклучок, со полна граѓанска одговорност тврдиме дека во ниеден случај не беа прекршени препораките и мерките од државните и здравствените власти за време на богослужбите во Светиот Бигорски Манастир. Згора на тоа, доколку некој и би се одлучил да дојде на вечерашната прослава на Воскресението Христово, во никој случај не би имал можност да го направи тоа, со оглед на засилените
полициски контроли по патиштата, а и самото полициско присуство пред влезот на манастирот, стои во соопштението.

Бигорската обител ги покани, како што се наведува, сите што се сомневаат во ова, да ги посетат нивните манастири надвор од полицискиот час и да ја запознаат социјалната мисија што ја вршат нивните манастири и да видат дека тие се прибежиште на многумина кои се отфрлени од семејствата и општеството, но и на оние кои својот духовен мир го наоѓаат тука и подолг период престојуваат во нашите светилишта.

Соопштението на Братството на Свештената Бигорска Обител завршува со најрадосниот поздрав: Христос Воскресе! вт/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Николовски: ВМРО-ДПМНЕ со партиски членови сака контрола над прислушувањето, СДСМ остро против партизацијата

Честитка од ВЛЕН по повод 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија

СДСМ: Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ