Торино, 19 април 2020 (МИА) – Легендарниот холандски дефанзивец Јап Стам ја советуваше младата надеж на лалињата Матијас де Лихт да остане во неговиот сегашен состав на Јувентус што е можно подолго. Тој верува дека поранешниот фудбалер на Ајакс ќе има можност да ја научи „уметноста на дефанзивната игра“ и да стане еден од најдобрите играчи на неговиот пост во светот.
– Мислам дека неговите први неколку месеци во Серија „А“ беа позитивни. Тој доби одредена критика, но ова е нормално бидејќи мораше да се прилагоди на нов стил на фудбал. Матијас е млад и не е навикнат на притисок на клуб како Јувентус. И во Италија ривалите се со повисока класа од Холандија. Јуве инвестира огромна сума за да го привлече, некои дури би рекле дека таа е преголема, но мислам дека досега добро напредува и почна да верува повеќе во неговите способности. Важно е сега да научи италијански за да може подобро да се разбира со соиграчите, смета Стам.
За една од главните причини за Де Лихт да го избере Јувентус се вели дека е можноста да играат рамо до рамо и да учи од Леонардо Бонучи и Џорџо Киелини.
– Тие се дефанзивци од врвна класа, вистински победници навикнати да играат жестоки натпревари. Тие се двајцата најдобри дефанзивни фудбалери во Италија и можат да го научат уметноста на дефанзивната игра. Во Јувентус многу повеќе се става акцент на ова отколку во Ајакс, каде повеќе се игра еден на еден. Според мене, исклучително е важно Де Лихт да остане во Јуве колку што е можно подолго, затоа што тоа е единствениот начин тој да се развива како играч, да се навикне да игра против најдобрите, да се справи со тензијата на големите натпревари во Серија „А“ и Лигата на шампионите, додаде поранешниот дефанзивец на Лацио и Манчестер Јунајтед.