Утрински Весник
Македонија

Блогот „Вкусни приказни“ водич кон здрава исхрана за деца

Блогот „Вкусни приказни“ водич кон здрава исхрана за деца

Куманово, 19 април 2020 (МИА) – Сезонско овошје, зеленчук во форма на ликови од цртаните филмови, диносауруси, животни, инсекти, секое утро ги има на чиниите во семејството Каески. Кумановката Весна Ѓурковска Каеска креативноста ја изразува преку форми, готвејќи за нејзините две деца. Фотографиите ги споделува на блогот „Вкусни приказни“, кој го следат родители и членови на семејства со мали деца, баби, дедовци, тетки… Авторката на блогот се инспирира од секојдневието, од желбата семејството здраво да се храни.

– Идејата долго време живееше во мене, но минатата година дојде вистинското време за реализација. Спонтано се наметна со залагањето за добро и квалитетно хранење со првото дете. Од смути во различни бои и вкусови, преку игра со форми и текстура, до блог што стана мој заштитен знак, а има тенденција да прерасне во катче што нуди инспирација за родителите, квалитетна содржина и помош на тема – хранење кај децата, вели Ѓурковска Каеска.

Од еднобојни смути преминала на шарени виножита, потоа следувале и различните креации, првин едноставните, триаголници, кругови, сонце, она што во тој момент го учел нејзиниот син. Сето ова преминало во форми и креации што ги воодушевуваат нејзините следачи и секако нејзиното семејство.

– Емоции и приказни претставени преку храна, шаренило и бои. Слики од секојдневието на едно семејство, случки на моето првенче, а од неодамна и слики и снимка од нашето заедничко готвење. „Вкусни приказни“ не е само блог за храна, туку и приказ на реални случки од нашето секојдневие, но и општеството. Рецептите и храната се само производ и резултат на она што навистина сакам да го прикажам, а тоа се емоциите, вели Каеска.

За подготовка на оброците користи сезонско овошје и зеленчук, многу ретко користи продукти надвор од сезоната. Зеленчуците и овошките ги произведуваат нејзините родители, кои, вели, садат сè, од магдонос до лешници. Нејзината намера е да користи исклучиво производи од локални производители, кои ги купува на пазарите. Многу ѝ е важно да ги поддржи македонските брендови, домашното производство.

– Иако блогот не е строго одреден во категорија, сепак пропагира здрава храна. Преовладуваат вегетаријанските постови и такви во кои има исклучиво растителна храна. Сметам дека оваа неутралност, која патем се наметна случајно, е сосема во ред за кој било начин на исхрана. Најлесни за правење форми се овошките и зеленукот, па така некако и почна сè. Но, од оние рецепти што се очекуваат од секој блогер за храна најмногу ги има палачинките, раскажува таа.

Во блогот учествува и нејзиниот сопруг со фотографии на кои може да се види подготовката на храна во која учествува и нејзиниот син. Најчесто објавува креации што се инспирација од нивното секојдневие, прошетки, досетки на децата, од општеството, од случките.

Последното работно искуство како готвач многу ѝ помогнало за блогот. Сепак, пресудни биле нејзината креативност и комуникативност. Со следачите е во постојана интеракција. Тие ѝ предлагаат рецепти, форми, ликови и сугерираат да објавува видеа во серијалот „Максим и мама готват“. На овој начин сите придонесуваат за менување на навиките во исхраната кај децата.

На прашањето дали се доживувате како мајка, блогер, готвач или инфлуенсер, вели дека најмногу се доживува како своја, комбинација од сите, најмногу од родителството. Триесет и седумгодишната Весна сега веќе жителка на Скопје најави дека ќе истрае во реализацијата на идејата за менување на навиките за храна и да создаде свет на приказни и фантазии за своите Максим и Ника, но и за оние што ја следат и ја читаат.

– Здравата храна не е мој проект, туку секојдневие што го бојам во различни бои. Ако успевам да допрам до нив и до останатите, се сметам за среќна и успешна, вели насмеаната блогерка.

Александра Максимовска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?