Делчево, 18 април 2020 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Делчево продолжи со дезинфекција на градските улици. Активностите се реализираат согласно насоките на Регионалниот штаб за кризи за заштита од КОВИД-19, а во рамки на истите дезинфецирани се улиците во центарот на градот.
-Мерките за заштита ќе продолжат и во текот на наредните денови на оние места каде тоа е предвидено согласно насоките на Регионалниот штаб за кризи. Претходно извршена е дезинфекција на влезовите, скалите и заедничките простории кои ги користат станарите од колективните згради за домување во Делчево, информираа надлежните.
Паралелно поставени се уште два дополнителни пункта за дезинфекција на возилата кои влегуваат во Делчево.
-Едниот се наоѓа на влезот во Делчево над патот Пехчево – Делчево кај село Тработивиште, додека вториот на Граничниот премин Делчево. Претходно вакви пунктови се поставија на влезовите на градот од страната на Македонска Каменица и Берово, додадоа надлежните.
Делчевскиот градоначалник Горан Трајковски по повод Велигден упати порака граѓаните да останат дома, со тоа што ќе ги почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 со цел превенција од заразата. Делчево заклучно со денешниот ден нема позитивни на коронавирус. вс/вг/