Утрински Весник
Македонија

ЗНМ: Мора да се најде начин за подобра комуникација и транспаретност во односот на владините институции и здравствените центри

ЗНМ: Новинарите не смеат да имаат конфликт на интереси

Скопје, 18 април 2020 (МИА) – Со продолжувањето на вонредната состојба во земјава, ЗНМ смета дека мора да се најде начин за подобра комуникација и транспарентност во односот на владините институции и здравствените центри, a во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање. Здружението на новинарите на Македонија смета дека има голем простор за да се подобри соработката меѓу новинарите, медиумите и институциите, со оглед на сите забелешки што досега пристигнаа кај нас од нашето членство, се посочува во соопштението од ЗНМ.

Здружението укажува дека како организација, a и голем дел од нивните членови, се незадоволни од недостигот на двонасочната комуникација за вклучување во живо преку видео алатките за време на прес-конференциите на министрите.

-Со моменталната пракса преку оваа комуникација, не се дава во целост простор на новинарот да има потпрашање ниту пак да има коментар на даден одговор, со што соговорникот не секогаш одговара на прашања. Ова дава можност, тој да биде селективен во своите одговори. Ваквиот однос остави впечаток дека на дел од прашањата соговорниците не знаат да одговорат или пак своите сознанија не сакаат да ги споделат со јавноста. Затоа, бараме во вклучувањето, со цел обезбедување на целосна информација од соговорникот, да се остави простор на новинарите за да постават потпрашања, се наведува во соопштението.

Втората опција, за која сметаме дека има можност да се направи, како што се потенцира, е да се организираат прес-конференции на отворено кога тоа го дозволуваат временските услови (пред Владата или на друго соодветна локација) со физичка дистанца меѓу новинарите, но и меѓу новинарите и соговорниците.

-Ова е препорака на ЗНМ и на нашата партнерската организација Европската Федерација на новинари која ја сугерира до сите свои членки во Европа. Оваа опција не треба да ја исклучи првата опција, бидејќи таа се покажа како корисна за новинарите од другите градови, истакнуваат од ЗНМ.

Здружението на новинари на Македонија упатува критика за последната прес-конференција организирана во Куманово од страна на градоначалникот.

-Taa според нашите колеги била организирана во затворен простор со присуство на повеќе соговорници, новинари и медиумски работници, кои имале меѓу себе физички контакт. Потоа се укажа дека градоначалникот бил заразен од COVID-19, со што нашите колеги директно биле изложени на здравствен ризик, наведуваат од ЗНМ.

Освен ова, од Здружението уште еднаш укажуваат дека Владата не треба да им го скратува правото на прашања и учество на прес-конференциите ниту на онлајн медиумите кои не се наоѓаат во Регистарот на професионални онлајн медиуми, бидејќи Регистарот е доброволна организација, не е направен за таа намена, туку со цел јавноста и бизнис заедницата да ги препознае професионалните медиуми.

-Во однос на транспарентноста, укажуваме дека институциите не смеат да си дозволат да споделуваат информации само со одредени новинари или медиуми пред одржување на прес-конференциите и на тој начин да се обезбедува ексклузива на одредени медиуми, наспроти сите останати кои се упатени да ги следат прес-конференциите. Кога се наоѓаме во вака деликатна ситуација, сите медиуми треба да имаат еднаков пристап до информации кои се важни за јавноста, потенцираат од ЗНМ.

Емисијата насловена како „Ковид -19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот“ организирана неодамна од страна на Владата, каде, како што стои во соопштението, во својство на новинари се јавија државни службеници, а со тоа беа исклучени критичните прашања е негативен пример за комуникација со граѓаните и пракса која е навреда за професионалните новинари. Затоа, сметаат од таму, ваквите формати на комуникација од страна на владините претставници потребно е во иднина да се избегнат.

-Изминатиов период во неколку наврати владини претставници најавуваа нови законски уредби за санкционирање на лажните вести и пресметки со медиумите. Потсетуваме дека главната задача на институциите во овие моменти треба да биде обезбедување на максимална транспарентност околу кризата предизвикана од пандемијата и економската криза, а не да се занимава со ограничувања на слободата на изразување. Најдобар начин за дефакторизирање на дезинформациите е поголемата транспарентност и користењето на саморегулацијата во медиумите, се вели во соопштението.

Во однос на слободата на движење на новинарите за време на полицискиот час, ЗНМ уште еднаш укажува дека Владата не треба да го ограничува движењето на новинарите од медиумите кои не се дел од Регистарот на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и ЗНМ.

-Поради фактот дека новинарите, покрај здравствените работници, се можеби најизложени на ризикот од заразување со коронавирусот, сметаме дека институциите мора да обезбедат услови за тестирање на новинарите и медиумските работници ако тоа е побарано од нив. Од друга страна, го поздравуваме потегот на Владата за обезбедување на минимална плата за новинарите и медиумските работници, мерка која јавно ја побаравме заедно со новинарскиот синдикат, а со цел олеснување на работата на медиумите во овој тежок период. ЗНМ укажува на ризикот дека доколку кризата продолжи и во следните месеци, потребно е да се размисли за дополнителни мерки за да се пребродат економските тешкотии на медиумите и да се избегне отпуштање на новинари и медиумски работници. Овие мерки треба да бидат ефикасни и да ги опфатат не само традиционалните медиуми туку и онлајн медиумите, кои за разлика од традиционалните медиуми немаат примена никаква финансиска помош во изминатиот период, се посочува во соопштението од ЗНМ.

Од Здружението истакнуваат дека во услови на глобална пандемија, денес повеќе од кога било, може да се забележи потребата од квалитетни дописништва.

-Се покажа дека дописниците при една ваква состојба се мошне важни и за медиумите и за граѓаните. Оттаму, сметаме дека треба да се направат дополнителни напори за да се обезбеди нивното место во новинарските редакции. Потсетуваме на препораките на ЗНМ за подобрување на дописничката мрежа на МРТВ и МИА со законски измени, но и со препораки кон националните телевизии и дневни весници, стои во соопштението на ЗНМ. ев/цр

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер