Скопје, 16 април 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче штотуку објави на својот Фејсбук профил дека ќе биде во домашна изолација, откако кај кумановскиот градоначалник со кого имаше контакт вчера е потврдено присуството на коронавирусот.
– По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на Ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација. На состанокот ги почитував сите протоколи за заштита и носев заштитна опрема исто како и останатите присутни. Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација, напиша Филипче.
Работата на Министерството за здравство, како што информира Филипче, продолжува непречено да се одвива, а тој преку онлајн платформи ќе остане во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести и со сите останати инволвирани во процесот.
– Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а моите прес конференции ќе ги правам преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето, вели Филипче во Фејбук статусот. бак/сп/