Утрински Весник
Македонија

Уште едно лице во Битола позитивно на Ковид-19

Уште едно лице во Битола позитивно на Ковид-19

Битола, 16 април 2020 (МИА) – ЈЗУ Клиничка болница-Битола денеска ги демантира и осуди информациите на социјалните мрежи во врска со третманот на пациенти и начинот на справување со Ковид-19, кои според директорката на болницата, Билјана Гагачовска се со цел да се шири паника и собираат политички поени.

За жал, изјави Гагачовска, некои од колегите социјалните мрежи ги гледаат како поле од кое треба да добијат аплаузи врз грбот на професијата што ја одбрале и да ја погазат заклетвата која ја дале, наспроти примарната улога за справување со пандемијата.

– Жално и срамно е да се собираат политички поени врз грбот на здравствените работници кои во овој момент пожртвувано работаат и затоа сакам да дадам целосна слика во врска со хоспитализиран пациент и за кој синоќа добивме потврда дека е позитивен на Ковид-19. Имено, во болницата беше хоспитализиран пациент, битолчанец со симптоматологија од психијатриско потекло. При влезот во болницата кај пациентот не беше регистрирана зголемена телесна температура и првично беше хоспитализиран во психијатриското одделение заради згрченост на мускулите, а по извршен лекарски преглед и анализи, пациентот заради сложена здравствена состојба беше префрлен во Интерно одделение и во посебно изолирана болничка соба. Контакт со пациентот имаа еден лекар, четири медицински сестри и еден болничар. На 11 април беше земен тест од пациентот за проверка, а доцна синоќа стигна резултат дека пациентот е позитивен на Ковид-19. Од синоќа пациентот е во Инфективното одделение при Клиничка болница-Битола и е во добра општа здравствена состојба, изјави Гагачовска.

Од Клиничка болница-Битола информираа дека со работата на синоќешната лекарска екипа воедно заврши ротацијата од 14 дена активна работа, а денеска почна со работа втора екипа која во изминатите 14 денови беше дома, односно не доаѓаше на работа.

– Во моментов под медицински надзор се лекарите кои имаа контакт со пациентот во ургентна медицина, лекарскиот тим што го третираше пациентот на психијатриското одделение и лекарскиот тим што имаше контакт со пациентот во интерно одделение, потврди Гагачовска.

На Инфективно одделение во болницата, како што беше истакнато, покрај пациентот кој синоќа беше сместен, се лекуваат и осум други пациенти и сите се стабилни. мт/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”