Гевгелија,16 април 2020 (МИА) – Раководителот на општинскиот штаб за заштита и спасување, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, изрази задоволство и благодарност до граѓаните кои доследно се придржуваа на мерките за забрана на движење во изминатиот викенд и упати апел до нив совесно да се однесуваат и за време на престојниот продолжен полициски час за време на Велигденските празнувања.
– Општинскиот штаб за заштита и спасување донесе посебен оперативен план за обезбедување на редарски служби на територијата на целата општина почнувајќи од денеска и заклучно со вторник 21 април. За време на продолжениот Велигденски викенд, редарските контроли ќе бидат заислени пред поголемите супермаркети, филијали на банки и поштата во центарот на градот, како и во сите излетнички и туристички места каде што засилено редарско обезбедување ќе има и во работните денови до 16 часот, рече Поцков.
За време на 85-часовниот празничен полициски час, снабдувањето на гевгеличани со потребни артикли ќе го вршат определени економски оператори, а општинските мобилни тимови, во работните денови до 16 часот ќе ги снабдуваат старите и изнемоштени лица со прехранбени артикли и лекови.
Општинскиот штаб, во функција на спречувањена пандемијата, одлучи да продолжи редовната дезинфекција на улиците и јавните површини во градот и населените места, а од ТППЕ Гевгелија и Шумското стопанство ,,Кожуф,, побара превентивно дејствување против можна појава на пожари и засилена контрола на дивите депонии и стрништата кои претставуваат потенцијални жаришта. им/оџ/