Утрински Весник
Македонија

Експертите велат дека Болсонаро го носи Бразил кон катастрофа со коронавирусот

Експертите велат дека Болсонаро го носи Бразил кон катастрофа со коронавирусот

16 април 2020

Гардијан – Лондон

Медицински експерти стравуваат од тоа дека претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, може да го забрза маршот на земјата кон катастрофална криза на јавното здравство, како оние што ја погодија Северна Италија и Њујорк, со тоа што ги поткопува мерките за физичка (социјална) дистанца.

Болсонаро е еден од само четворицата светски лидери кои сè уште ја минимизираат заканата од коронавирус по јавното здравство, заедно со авторитарните претседатели на Никарагва, Белорусија и на Туркменистан.

За време на Велигден, лидерот на екстремната десница во Бразил повеќепати ги прекрши препораките за физичка дистанца, издадени од сопственото Министерство за здравство, па излезе да купи крофни, топло ги поздрави своите поддржувачи и изјави: „Никој нема да го спречи моето право да доаѓам и да одам“. За време на една прошетка, Болсонаро беше снимен како го брише носот со рачниот зглоб пред да се ракува со една постара жена.

Специјалистите за јавно здравје и заразни болести веруваат дека ваквото однесување ги еродира единствените мерки кои стојат меѓу Бразил, каде што веќе има над 1.000 смртни случаи на Ковид-19, и една здравствена катастрофа.

„Се чини како сите се во ист воз што се движи кон карпа и некој вели: Внимавајте! Има карпа!“ И патниците извикуваат: „О, не, не постои! И возачот на возот вели: „Да, нема карпа тука!“, вели Хуан Франка Јуниор, епидемиолог од Факултетот за јавно здравје при Универзитетот во Сао Паоло. – Мојата тага потекнува од гледање смртни случаи што можеле да се избегнат, а нема да се избегнат.

Маркос Лаго, специјалист за заразни болести во универзитетската болница „Педро Ернесто“ во Рио де Жанеиро, истакна дека несовесното однесување на Болсонаро ги збунува луѓето, кои е неопходно да останат во своите домови.

„Тој прави многу опасен облог… се обложува дека Бразил нема да се однесува како САД, како Англија, како Италија. Мислам дека тоа е неодговорно обложување затоа што има многу големи шанси да се случи катастрофа, а шансата да не се случи е многу мала“, додаде Лаго.

Трет лекар, кој побара да остане анонимен, ги нарече постапките на Болсонаро „детски” и „надреални”. „Лудо е. Нема никакво оправдување за ваквиот вид однесување“, истакнаа тие. „Може да се оправда размислувањето за деловната заедница. Супер е да се обидете и да најдете (економски) решенија (за оваа криза). Тоа што не е убаво е да се игнорира она што го велат сите врвни епидемиолошки експерти во светот.

„Луѓето ќе се разболат (во Бразил) и ако се разболат сите во исто време, ќе се најдеме во иста ситуација како Италија и Вухан.“

Од средината на март, гувернерите на речиси сите 27 држави во Бразил се обидоа да го забават преносот така што им наредуваа на граѓаните да седат дома. Но, постојат знаци дека таквите напори се распаѓаат, при што сè поголем број луѓе излегуваат на улиците на градовите како Рио и Сао Паоло.

Експертите посочуваат на неколку можни објаснувања за неуспешното придржување кон мерките за физичко дистанцирање во Бразил. Едно од објаснувањата е неуспехот на државните влади да ги поддржат сиромашните жители во фавелите кои немаат друга опција освен да работат. Друго објаснување е тоа што е тешко да се убедат Бразилците, кои се фокусирани на семејствата, да ги избегнуваат роднините.

– Бразилците имаат тешкотии со физичкото дистанцирање. Ние не сме навикнати на ова. Ние сме навикнале да живееме заедно, да се гушкаме и да се бакнуваме едни со други, рече Тоња Вергара, претседател на Здружението на заразни болести во Рио.

– Некои луѓе не можат да го издржат ова, па можеби ни требаат построги мерки, истакна Вергара и додаде: Но ние имаме претседател кој не се придржува до мерките.

Исто така, постои консензус дека со подривањето на дистанцирањето, Болсонаро го девалвира имплементирањето. „Сè што тој ќе каже и ќе направи има големо влијание… Многу луѓе велат: „Претседателот има 65 години и тој не се плаши – па зошто ние да се плашиме?“ Сите (на инфектологија) размислуваат исто за претседателот, дека тој не оди во добра насока.

Алберто Чебабо, потпретседател на бразилското здружение на заразни болести, истакна дека поради тоа што коронавирусот пристигнал во Бразил подоцна, имал предност да учи од искуството на другите земји и имал шанса да преземе круцијални чекори, како што се дистанцирањето. „Можеме да видиме дека епидемијата напредува побавно тука и ако полека напредува, тоа е поради овие мерки“, истакна тој.

Но со ставот на Болсонаро се ризикува отфрлање на таа предност. „Ни треба унифициран дискурс“, додаде Чебабо.

Анкетите покажуваат дека претседателот сè уште ужива поддршка од околу 30 проценти од гласачите, а стотици излегоа во Сао Паоло во саботата за да го осудат социјалното дистанцирање.

„Болниците се празни“, изјави еден поддржувач, кој се претстави како Вагнер де Оливеира со лажни тврдења за време на демонстрациите во Рио.

Но, медиумите и политичарите од сите провениенции му се нафрлија на претседателот. „Претседателот Болсонаро е главниот сојузник на вирусот“, рече Артур Виргилио, градоначалник на градот Амазон Манаус, каде што од Ковид-19 починаа 42 лица.

Мервал Переира, колумнист за весникот „О Глоб“, го обвини Болсонаро дека се однесувал како „мистичен лидер што ги води своите следбеници кон колективно самоубиство“.

Франка Јуниор предвидува дека претстојат болни денови: „Ќе видиме луѓе што умираат надвор од болниците (затоа што нема легла во одделите за интензивна нега), луѓе кои умираат дома затоа што нашата брза помош не ќе може да се справи.“

„Прогнозите сугерираат дека ова ќе се случи за три или четири седмици…, а тогаш ќе биде предоцна. Луѓето ќе се избезумат и ќе се заклучат во затворен простор по сопствена волја.“ ссм/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме