Утрински Весник
Македонија

Зибери: Земјава лидер на Балканот со досега направени 10.000 тестови за Ковид-19

ФАО: Нема докази дека добитокот и домашните миленици можат да го пренесат Ковид-19 на луѓето

Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Со досега направените 10.000 тестирања на Ковид-19, земјава е лидер на Балканот. Пред нас е само Словенија, вели директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери.

Во вечерашното гостување на Топ тема, Зибери истакна дека ќе биде потребна потемелна студија за да се докаже дали првиот случај на коронавирусот сме го имале уште во јануари, многу пред почетокот на пандемијата.

– Земјава е лидер на Балканот по однос на тестирањето ако се земат предвид Хрватска, Албанија, Бугарија, Србија…  Само Словенија е пред нас, а со Хрватска имаме речиси иста бројка. Околу 3.000 тестови имаме направено само во Скопје, а 10.000 вкупно во државата, што не е малку на милион жители. Не сум убеден дека бројките од Бугарија се релевантни. Со Албанија сме тука со бројот на жители, но тие имаат 4.000 тестови, истакна Зибери.

Во однос на прашањето кој е принципот на правањето тестови, директорот е дециден дека се оди по протокол што важи за сите пациенти. Притоа, не може да се каже дека тестот е 100 отсто точен или сигурен, но се покажа дека грешките се минимални.

– Секој се тестира вторпат откако ќе поминат 14 дена од првото тестирање. За излечен, пак, се смета оној што ќе даде негативен резултат на двата теста кои се прават последоватлено во рок од 48 часа. Ова е протокол кој се однесува на сите, напомена Зибери.

Директорот дополни и дека, според расположливите податоци, периодов 17.000 лица се водени како пациенти заболени од сезонски грип.

– Ќе дојде време кога ќе се направат анализи дали коронавирусот бил присутен кај нас уште во јануари, односно пред пандемијата. Сега е приоритет да се помине актуелната алармантна ситуација, а потоа ќе се направат по сеопфатни анализи, рече Зибери.

Директорот на Здравствениот дом – Скопје, Виктор Исјановски, пак, рече дека заштитна опрема има доволно. До 14 април се набавени 48.100 заштитни маски, 230.000 пара ракавици и околу 3.000 скафандери, а ако е потребно, средствата што веќе биле планирани за нешто сосема друго, ќе се пренаменат.

Исјановски информира и дека за 45 дена со БСЖ се вакцинирани 3.348 деца. Како што рече, веројатно родителите токму во оваа ситуација со коронавирусот сфатиле колку е потребна и значајна вакцината.

Во однос на систематските прегледи, нагласи дека ќе се извршуваат во поликлиниката МВР, при што на лицата им се даваат маска и ракавици. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме