Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Фондацијата Претприемачки сервис за млади (ПСМ) креира бесплатен онлајн курс „Почнување бизнис и социјално претприемништво“, наменет за сите млади кои имаат желба да почнат сопствен (социјален) бизнис.
Програмата нуди девет модули: Претприемништво, Социјално претприемништво, Бизнис идеја, Визија, Лидерство и менаџмент, Бизнис план, Брендирање, Менаџмент на човечки ресурси и Процес на работа. Содржините вклучуваат теоретски и практичен дел и се обработени преку видеа кои овозможуваат систематско запознавање со темите. Секоја целина нуди и практична имплементација преку вежби, задачи или корисни ресурси.
-Овој онлајн курс претставува креирање долгорочен извор на информации за почнување бизнис кој ќе биде поддршка за младите луѓе и идните претприемачи како трансфер на знаење и градење на нивните капацитети со цел нивните идеи да ги претворат во бизниси, наведуваат од Фондацијата.
Курсот е достапен на едукативната платформа pretpriemacedu.mk, а за да го следат, заинтересираните слушатели треба да се регистрираат на следниот линк.
Онлајн курсот се реализира во рамки на проектот „Креирање одржливи можности за претприемништво“, поддржан од Амбасадата на САД, а имплементиран од ПСМ Фондација. мч/сп/