Утрински Весник
Македонија

Побарано задолжително психијатриско лекување за обвинет за обид за убиство и напад врз полицајци

Нова средба на работните групи за законот за јавно обвинителство

Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за изрекување мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа за едно лице, обвинето за кривични дела – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО.

Имено, како што наведоа од Обвинителството, по спроведена истражна постапка, надлежниот јавен обвинител утврди дека на 3 април, 34-годишниот жител на село Горно Коњаре, во состојба на непресметливост заради трајно душевно заболување, се обидел да лиши од живот едно лице со кое претходно имале кратка вербална расправија. По расправијата, обвинетиот отишол во неговиот дом од каде зел нож и го прободел оштетениот во пределот на слабината, нанесувајќи му тешки телесни повреди од животозагрозувачки карактер.

– Околу половина час подоцна, обвинетиот сериозно се заканил дека ќе ги нападне четворицата полициски службеници кои постапувале по наредба да го лишат од слобода заради претходно стореното кривично дело. Кога полициските службеници дошле во неговиот дом, тој излегол на вратата, повторно држејќи нож во рацете. Еден од полициските службеници му наредил да го фрли ножот, но обвинетиот одбил да го стори тоа и им се заканил. Полициските службеници се повлекле во дворот и застанале во близина на службеното полициско возило, а обвинетиот започнал да им се приближува со крената рака во која го држел ножот. Во тој момент, еден од полициските службеници му се приближил на обвинетиот и со употреба на средства за присилба му ја фатил раката, ножот паднал на земјата и обвинетото лице било лишено од слобода, образложија од ОЈО.

Јавниот обвинител предложил претходно определената мерка притвор за обвинетиот да се укине, но тој да не се пушти на слобода, туку до завршување на постапката за определување на мерката за безбедност, привремено да се смести во здравствена установа.​см/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Полициските хеликоптери исфрлија над 50 тони вода врз пожарите во Малино и Немањица

ВИДЕО: Евакуација на жителите на Немањици

Едно лице загина во пожарот кај кумановско Кокошиње