Утрински Весник
Македонија

Коалиција МАРГИНИ: Наместо санкции за непочитување на мерките, верските заедници добија 120.000 евра јавни пари во време на здравствено-економската криза

Коалиција МАРГИНИ: Наместо санкции за непочитување на мерките, верските заедници добија 120.000 евра јавни пари во време на здравствено-економската криза

Скопје, 15 април 2020

Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осудува одлуката на Владата на Република Северна Македонија за доделување на средства на Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Факултетот за Исламски науки – Скопје. Одлуката ја сметаме за дискриминаторска бидејќи со неа се доделуваат јавни пари на верските заедници, наместо кривично да се гонат за упатените закани за загрозување на јавното здравје. Се поставува прашањето зошто се доделени средства на овие две високообразовни институции по упатените закани, наместо средствата да се наменат за преземање на превентивни мерки за спречување на ширењето на епидемија со КОВИД-19 во супстандардните населби и живеалишта во РС Македонија што претставува сериозен ризик и закана по здравјето на сите граѓани во нашата земја.

На 38 седница на Владата на РС Македонија, одржана на 8.4.2020г., донесена е одлука со која на Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје му се доделуваат 4.500.000 денари од буџетот на РС Македонија за подмирување на трошоци за реализирање на студентски програми за 2020 година. Со истата одлука на Факултетот за Исламски науки – Скопје му се доделуваат 3.000.000 денари од буџетот на РС Македонија за подмирување на трошоци за реализирање на студентски програми за 2020 година[1]. Одлуката доаѓа само два дена послезаканата на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, со која тој изјави дека доколку ИВЗ не добие државна помош – тој ќе ги повлече апелите верниците да не ги посетуваат верските објекти за време на пандемијата; и изјавата на митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, Тимотеј, дека МПЦ е сериозно погодена од кризата, бидејќи половина од приходите на манастирите и црквите на МПЦ се прибирале за време на празникот Велигден.

Скандалозно и манипулативно е оправдувањето на ваквата одлука на Владата со објаснување дека доделувањето на овие средства на посочените факултети било изгласано на 9 седница на Владата одржана на 16.02.2020. Ја известуваме јавноста дека со одлука на Владата од 9 седница одржана на 16.2.2020 година се предвидува одобрување на средства на посочените факултети за да се обезбеди континуитет на работата и реализирањето на студентските програми во периодот по распишување на изборите. Ваквата одлука е донесена во период кога посочените факултети одржуваа настава и работеа непречено. Владата на својата 17 седница, одржана на 13.3.2020 година, донесе одлука за мерки за спречување и ширење на Коронавирусот COVID-19 со која, меѓу другото, се забранува одржување на наставата на виоскообразовните установи и јавните научни установи.

Земјата се наоѓа во сериозна здравствено-економска криза за време на која: се дерогираат основните човекови права како слободното движење, приватноста, правото на протест и образование; илјадници луѓе ја губат работата или се соочуваат со друг вид на повреди на работничките права; најсиромашните се изложуваат на ризици по нивното здравје и опстанок бидејќи немаат можност ниту да се заштитат ниту да заработат за основните потреби; од граѓаните се очекува да ги почитуваат и прифаќаат најрестриктивните мерки во современта историја и да ÿ веруваат на власта; се соочуваме со реален ризик од дополнително осиромашување на населението и генерирање на сите останати последици од сиромаштијата како исклучување, насилство, нарушена здравствена состојба; здруженијата и граѓаните активно бараат мерки за помош и поддршка на најсиромашните, кои се непропорционално повеќе погодени од кризата и чиишто здравје и живот се под ризик. Во овие услови Владата одлучува да додели 120 000 евра на верските заедници, под превезот на потребите на нивните факултети, без оправдана причина и без транспарентно информирање на јавноста за намената на овие средства.

Дискриминацијата е највидлива во фактот што јавноста сведочи на санкционирање на граѓани кои не ги почитуваат мерките, во исто време кога се случува и наградување на верски лидери кои се закануваат дека нема да ги почитуваат мерките. Повеќе здруженија веќе побараа итни мерки за заштита, помош и поддршка на најранливите граѓани од Шуто Оризари кои живеат во субстандардни услови, без проточна вода, канализација и струја со цел да се избегне неконтролирано ширење на вирусот и социјална поддршка на најсиромашните. Освен во Шуто Оризари, овој сериозен проблем и сурова реалност е детектиран и во голем број општини на територија на РСМ каде постојат населби со импровизирани и привремени живеалишта.

Овие барања се засновани на реалните потреби и здравствени ризици по населението, но за истите сѐ уште нема одговор. Ваквото приоретизирање на трошење на државните пари во време на пандемија и доделување на волку високи износи на средства на образовни институции кои во моментов не работат и не реализираат никакви активности е недомаќинско и ја загрозува довербата која власта ја уживаше до сега.

Ваквото делување освен што претставува дискриминација, нетранспарентно и недомаќинско работење, го засенува и владеењето на правото во земјата. Ја прашуваме Владата, дали нема начин да го контролира однесувањето на верските лидери или пак законите не важат за нив? Дали е дозволиво верските лидери со уцени и закани да изнудуваат буџетски пари? Дали не е подобро тие 120 000 евра да се пренаменат за заштита и помош на најсиромашните и најзагрозените граѓани од кризата со цел да се спречи појавата на нови случаи на заболени лица од КОВИД-19? Предупредуваме дека ваквото делување претставува ризик и за јавното здравје, бидејќи двојните стандарди ги демотивираат граѓаните да ги почитуваат мерките и создаваат недоверба. Доколку постојат оправдани причини за финансиска помош на верските заедници, тие мора да бидат јавно образложени, а јавноста да има пристап до податоци за финансиското работење, состојбата со вработувањето и работничките права во верските заедници, па оттука да оцени дали е (не)потребна дополнителна поддршка во контекст на кризата.

 Бараме обвинителството итно да постапи и да го започне кривичното гонење на верските лидери кои не ги почитуваат мерките, повикуваат и се закануваат за нивно непочитување. Бараме Владата да ја преиспита оваа одлука, вистинито и транспарентно да ги информира граѓаните и да одговори позитивно на сите барањата на здруженијата кои се однесуваат на преземањето на мерки за итна заштита и поддршка на најсиромашните.

Мрежата за заштита од дискриминација МАРГИНИ

___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме