Утрински Весник
Македонија

Корона кризата и седењето дома „удри“ по ПМ-10 честичките и сулфур диоксидот во Скопје

Нови 49 заболени и двајца починати – вкупно 760 заразени со Ковид-19

Воведувањето на полицискиот час на 22 март годинава поради епидемијата на корона вирусот не носи само негативни вести. Намалениот обем на работа на индустриските капацитети и намаленото развозување со возила низ Скопје во изминативе недели донесе и намалување на испуштањето на ПМ-10 честичките и на сулфур диоксидот во главниот град.

Веќе неколку дена по ред, Центарот за управување и контрола на сообраќајот во Скопје наутро информира дека постои значително намалена фреквенција на возила на скопските сообраќајници. Полицискиот час во изминатиов период се зголемуваше од 8 часа дневно до целодневни забрани за движење на населението за време на викендите. Сепак, мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во Скопје не престанаа да мерат, а со тоа и да ја прикажуваат емисијата на PM-10 честичките и SO2 во воздухот.

„Мета.мк“ од веб-страницата за квалитетот на воздухот во земјава на Министерството за животна средина и просторно планирање ги извлече податоците за аерозагадувањето на неколку локации во Скопје за периодот од 22 март до 14 април 2020 година, при што овие податоци ги спореди со идентичниот период лани.

Споредба на податоците кај Ректорат за 2020 наспроти 2019 година:

Една од локациите со најголема фреквенција на возила во Скопје е раскрсницата кај Ректорат. Во екот на корона кризата, среднодневната концентрација на отровните ПМ-10 честички за период од 8 дена била околу или над границата на дозволените 50 микрограми на кубен метар. Наспроти ова, лани во идентичниот временски период имало 12 дена во кои концентрацијата на ПМ-10 честички била околу или над границите на дозволеното.

Споредба на податоците во Карпош за 2020 наспроти 2019 година:

Според достапните мерења од мерната станица во Карпош, за изминатиов период од 24 дена пресметавме колкава била и просечната концентрација на ПМ-10 честичките. Концентрацијата на оваа загадувачка супстанца во воздухот за периодот од 22 март до 14 април 2020 година во просек дневно изнесувала 35,76 микрограми на кубен метар, додека за истиот период од минатата година таа изнесувала 37,39 микрограми на кубен метар.

Присуство на сулфур диоксид во Карпош за 2020 наспроти 2019 година:

За територијата на Карпош, многу поголеми разлики се добиени кај присуството на сулфур диоксид. Присуството на SO2 во воздухот на оваа локација во периодот на корона кризата изнесувало во просек дневно 0,31 микрограми на метар кубен, додека лани на истата локација за 24-дневниот период биле измерени во просек дневно 0,79 микрограми на метар кубен. Среднодневните концентрации на сулфур диоксид во воздухот и во двата периода се далеку под дозволената среднодневна вредност од 125 микрограми на метар кубен и Скопје нема проблем со овој задушлив гас, но споредбата на резултатите покажува дека и присуството на SO2 е намалено за време на намаленото движење на населението и работењето на индустријата.

Она што ќе биде особено занимливо да се набљудува во наредниот период е мерењето на аерозагадувањето во периодот на целодневна забрана за движење на населението. Податоците за мерната станица кај Ректорат покажуваат дека првиот викенд без никакво движење на возила поминал со концентрација на ПМ-10 честичките под максимално дозволените граници. Во петокот, на 11 април дневната концентрација на ПМ-10 честички изнесувала 57,21 микрограми на кубен метар, во саботата на 12 април се спуштила на 29,90 микрограми на кубен метар, додека во неделата на 13 април истата изнесувала 31,57 микрограми на кубен метар.

Штетните ПМ-10 честички ги испуштаат издувните гасови од возилата, но тие се резултат и на затоплувањето на домаќинствата, согорувањето на отпад, индустриските процеси и пожарите. Сулфур диоксидот најчесто се ослободува со согорување на јаглен, но тој се појавува и како последица на транспортот и индустриските процеси.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал