Во контакт центарот за економски мерки граѓаните од Владата најмногу барале одговор, односно поставувале прашања за финансиска поддршка за компаниите, невработеноста, кредитирањето и дозволите за движење во полициски час.
На телефонскиот број 02/324-8040, што функционира од минатиот понеделник како контакт (телефонски) центар на владата, наменет за поддршка на бизнисот и граѓаните во врска со економските мерки за справување со кризата од корона вирусот, во периодот од една недела, односно од 6 до 11 април регистрирани се вкупно 1.579 јавувања.
„Постои голем интерес за користење на економските мерки кај компаниите и граѓаните, а најчесто поставувани прашања или 96 отсто од вкупниот број прашања се следниве: можноста за користење на финансиска поддршка за исплата на минимална плата за работниците, можности за граѓаните во случај на невработеност и отпуштање од работа, кредитирањето преку Развојна банка и постапка за издавање дозволи за движење на вработени за време на полициски час“, се вели во владиното соопштение.
Инаку, кол- центарот работи од 8 до 17 часот, од понеделник до петок, а во сабота од 9 до 14 часот, а владата има подготвено документ во кој се содржани одговори на најчесто поставувани 25 прашања во изминатиот период.