– Во Економскиот совет на Владата која ја предводи партија што сака да се нарекува социјалдемократска, нема ниту еден претставник на синдикатите, ниту еден активист за работнички права, но затоа има претставници на сите стопански комори и на други големи компании. Затоа и мерките кои беа донесени се мерки за заштита на бизнис заедницата без скоро никаква заштита на работниците, се наведува во соопштението.
Синдикатите бараат: право на паричен надомест за невработени лица во кризава да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Според нив, многу работници изминативе недели биле измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници. Бараат да се предвиди и бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да се стекнат со право на платено породилно отсуство од страна на државата.
Меѓу барањата се и да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, односно, од почетокот на март, а кои сега, посочуваат, повторно можат да добијат државна помош, и покрај отпуштањата. Владата да донесе уредба со која ќе уреди дека платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20 проценти за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор, и не под нивото на минималната плата, да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално ниту здравствено осигурување, да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.