Утрински Весник
Македонија

Црвениот крст ги проширува активностите како одговор на пандемијата од Ковид-19

Црвениот крст ги проширува активностите како одговор на пандемијата од Ковид-19

Скопје, 13 април 2020 (МИА) – Преку активирање на дополнителни мобилни тимови за поддршка на ранливи категории граѓани и обезбедување на неопходни материјали за Клиниката за инфективни болести во Скопје, Црвениот крст на Република Северна Македонија го проширува обемот на своите активности во борбата против корона вирусот.

Поддршка за активностите на Црвениот крст даде и претседателот на државата Стево Пендаровски кој ја посети организацијата и се сретна со членовите на  мобилни тимови, упатувајќи им благодарност за нивната работа.

 

Услуги даваат 37 мобилни тимови кои ce задолжени за логистичка поддршка на ранливи целни групи од населението на територијата на целата земја. Сите мобилни тимови се активни секој работен ден, а нивната задача е да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и да ги достават до домовите на старите, изнемоштени лица кои живеат сами, хронично болните, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории граѓани на целата територија на земјата, за тие да немааат потреба да ги напуштаат своите домови, со што ќе се спречи ширењето на корона вирусот. Сервисната услуга што ја обезбедуваат мобилните тимови е бесплатна, а граѓаните ги плаќаат само артиклите или лековите што им се набавуваат.

За да се овозможи поголема ефикасност и оперативност на мобилните тимови, обезбедени се и дополнителни две возила кои им се дадени на располагање за нивните потреби.

Телефонските броеви на кои граѓаните можат да побараат асистенција од мобилните тимови, а временскиот распоред на нивното функционирање е објавен на интернет страницата на Црвениот крст – ckrm.org.mk

Ангажирани се и три медицински сестри кои ќе вршат домашна посета на територија на град Скопје. Нивната задача ќе биде да извршуваат посети на стари и немоќни лица во домашни услови, со цел примарна грижа за нивното здравје, помош во земање на дневна терапија со препишани медикаменти од матичниот лекар, проверка на крвен притисок и шеќер во крвта, како и психосоцијална поддршка.

Дополнително, во соработка со Министерството за здравство, од листата на приоритетни потреби за здравствените установи набавени се неопходни материјали за потребите на Клиниката за инфективни болести во Скопје, како поддршка во услови на зголемена фреквенција на пациенти, соопштија од Црвениот крст.

Финансиските средства за реализација на овие активности на Црвениот крст се обезбедени од Фондацијата на Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје. ев/лв/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ