Кичево, 13 април 2020 (МИА) – По повеќе од еден месец од кога со бориме со пандемијата на коронавирусот, Кичево е еден од десетте градови во нашата земја кој нема ниту еден заразен, вели за МИА градоначалникот на општината Фатмир Дехари кој додава дека во функција на оваа стабилна состојба биле мерките на релевантните институции, но и свеста на граѓаните кои ги почитувале мерките и оние на координативното тело на Општината.
-Ако продолжиме да бидеме меѓу десетте општини што немаат заразени од коронавирусот на мислење сум да побарамe од Владата да се прогласи Општина Кичево „заштитна зона”, што би значело строго да се контролираат влезовите во нашата општина од други соседни општини од превентивна природа се разбира, вели Дехари.
На укажувањето дека Владата, останува на ставот за важење на истите мерки барем до овие моменти за сите во државата, Дехари потенцира дека ова е негова идеја и доколку се оствари тоа треба да се направи винаметелно и потоа чекор по чекор да почне животот во Кичево, бидејќи, како што рече, имаме економски загуби од една страна и за среќа немаме заразени граѓани, но ние сепак ќе продолжиме со консултациите и ќе се придржуваме во меѓувреме до препорачите од Владата.
Информира дека Општина Кичево континуирано ги дезинфицира главните улици на градот и продолжува да го прави тоа двапати на ден, сега почнува и дезинфекција во селата, потоа локалните институции, но и просториите на болничкиот центар во Кичево.
-Во соработка со координативното тело, Општината е посветена на строго спроведување на превентивните мерки против вирусот Ковид-19 и продолжува со истото темпо да соработува со полицијата, војската и здравствените институции во борбата со оваа глобална пандемија која е во светски рамки, истакнува Дехари, кој во оваа прилика изрази и благодарност до граѓаните кои генерално ги почитуваа превентивните мерки на владата.
Учењето од далечина во училиштата во општина Кичево се одвива нормално, Дехари вели дека за 40- те ученици од семејства во социјален ризик, преку донација на еден телефонски оператор, општината ќе одвои соодветни технолошки алатки што ќе овозможат учење од далечина.
Мерката за ограничување на движењето во текот на изминатите неколку дена, како што објавуваат од Секторот за внатрешни работи од Охрид, се почитуваат со мали исклучоци. Кичево првпат се случува во сабота да биде целосно празен, бидеќи во нормални услови сабота е пазарен ден во оваа општина.рз/скс/