Утрински Весник
Македонија

Препораки за пациенти на дијализа и со трансплантиран бубрег во услови на пандемија со Ковид-19

МЗ: Нацрт текстот на Законот за лекарска дејност отворен за предлози од стручната фела, невладиниот сектор и граѓаните

Скопје, 13 април 2020 (МИА) – Пациентите со бубрежни заболувања, вклучувајќи ги пациентите на дијализа (перитонеална или хемодијализа) и пациентите со трансплантиран бубрег треба да продолжат да ја земаат досега препишаната терапија во препишаните дози, вклучувајќи ги и антихипертензивните лекови од групата на АКЕ инхибитори, додека нивните доктори не препорачаат поинаку, информираат од Универзитетската клиника за нефрологија.

Корона вирус инфекцијата може да претставува сериозна закана за пациентите со бубрежни заболувања, особено за пациентите кои се на дијализа или се со трансплантиран бубрег, па затоа од Министерството за здравство  споделуваат препораки.

-Пациентите на хемодијализа може да развијат поблаги симптоми во однос на другите пациенти со корона вирусна инфекција, додека трансплантираните пациенти треба да ги преземат и сите неопходни мерки за превенција дадени за општата популација, се вели во препораките од Министерството за здравство.

За пациентите на хроничен хемодијализен програм се наменети следните препораки:

– Пациентите кои имаат треска, висока температура или респираторни симптоми (кашлица, отежнато дишење) претходно треба да се најават во нивните дијализни центри пред да пристигнат, каде ќе бидат прегледани во посебна просторија независна од салата каде се води дијализа. Земањето на анализи за COVID-19 инфекција е по стандарден протокол како и за општа популација. Овие пациенти се дијализираат во издвоена просторија од останатите пациенти во тек на 14 дена, до добивање на резултат од тестот за COVID-19.

– Во однос на местото за дијализирање, процесот на дијализирање на пациентите со суспектна корона инфекција треба да продолжи во истиот центар, односно да не се препраќаат во други центри

– Во однос на транспортот на пациенти со покачена телесна температура, сомнителни за корона вирусна инфекција, треба да дојдат со индивидуален транспорт, односно да не користат јавен транспорт заради намалување на ризикот од проширување на инфекцијата од евентуално заразен пациент со COVID-19.  Сите пациенти потребно е да носат заштитна маска (по можност хируршка), а исто така и возачот.

– За понатамошен третман, пациентите со потврдена COVID-19 инфекција ќе бидат упатени во специјализирана болница за третман на инфицирани пациенти.

За пациентите кај кои е извршена трансплантација се наменети следните препораки:

– Доколку трансплантираните пациенти почувствуваат симптоми како покачена температура, треска и кашлица, потребно е прво да се јават телефонски на Клиниката за нефрологија (контакт тел. 070 387 054), со цел да се избегне контакт со други пациенти и да се спречи потенцијалното ширење на инфекцијата.

– Пациентите со трансплантиран бубрег кои се вратени од странство, треба да поминат 14-дневна изолација, како што важи и за општата популација.

– Пациентите со трансплантиран бубрег на Клиниката за нефрологија кои ќе имаат потреба од друг каков било третман ќе бидат сместени во соба за изолација, независно од останатите пациенти.

– Пациентите кои треба да се јават во болница или институт за каков каков третман или земање брис за COVID-19, потребно е да носат заштитни маски.

Во услови на прогласена пандемија со вирусот COVID-19, научните сознанија покажуваат дека одредени групи пациенти со придружни заболувања (дијабет, хипертензија, кардиоваскуларни, бубрежни заболувања) се почувствителни на COVID-19 инфекција и можат да развијат посериозно заболување. Токму затоа, потенцира Министерството за здравство, од исклучителна важност е почитувањето на стручните препораки за заштита и превенција од вирусот:

– Мијте ги рацете почесто користејќи сапун, најкратко 20 секунди
– Користете средство за дезинфекција со 60 % алкохол доколку немате сапун
– Не ги допирајте носот, очите и устата
– Држете дистанца од другите луѓе од најмалку 1,5 – 2 метри
– Кога кашлате или кивате, користете марамче или во свиткан лакт
– Не допирајте предмети кога се движите надвор
– Излегувајте само по неопходни работи и кратко
– Останете дома и заштитете се себеси и останатите во заедницата.

Од Министерството за здравство, информираат дека според досегашните сознанија, од пациентите кои развиваат сериозна инфекција со корона вирус и имаат потреба од хоспитализација, бубрежни нарушувања се регистрирани кај 25-50 проценти од нив, а се манифестираат со поголема екскреција на протеини и црвени крвни клетки во урината. Само мал процент од пациентите (помалки од 15 проценти) развиваат намалување во функцијата на бубрезите, односно акутно бубрежно оштетување. Досега не е евидентирано долгорочно оштетување кај пациентите кои се излечиле од тешка форма на корона инфекцијата со последици на бубрежната функција. аа/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: Платите на лекарите мора да растат

Филипче по средбата со Давкова: Укажав дека партизацијата на безбедносните служби мора да запре

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева