Утрински Весник
Македонија

Полицискиот час продолжува од 16 до 5 часот, за празничниот викенд можеби построги мерки за движење

Полицискиот час продолжува од 16 до 5 часот, за празничниот викенд можеби построги мерки за движење

Скопје, 13 април 2020 (МИА) – По 61-часовен полициски час во целата држава викендов и ограничено движење освен за категориите граѓани со право на дозвола, утрово повторно има раздвиженост на луѓе и сообраќај по улиците. Полицискиот час од денеска продолжува како во работните денови во изминатата седмица – од 16 часот попладне до 5 наутро.

За претстојниот Велигден се размислува движењето во празничниот викенд да биде ограничено дополнително со уште еден ден, најверојатно понеделникот, односно забраната да важи од петок попладне до вторник наутро. Тоа вчера го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека овој предлог ќе се разгледува денеска на седница на Владата.

Во сила е забраната за групирање на повеќе од две лица, освен за родители со деца до 14 години. На повозрасните од 67 години дозволено им е да излезат надвор од домот од 10 до 12 часот, а на младите до 18 години – од 13 до 15 часот. Сопствениците на кучиња може да ги изнесат надвор половина час, од 20 до 20.30, и притоа да не бидат подалеку од 100 метри од објектот во кој живеат.

Движењето за време на полициски час им е дозволено само на категории граѓани кои имаат работни обврски и поседуваат дозволи што ги издава Министерството за информатичко општество и администрација.  За барање за дозвола може да се аплицира на порталот uslugi.gov.mk.

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ претпладнево продолжија да сообраќаат со двократно работно време – од 5 до 9 часот и од 13 до 16 часот.

Распоредот е по саботен возен ред, а кога се првите и последните поаѓања на автобусите на ЈСП е појаснето на веб-страницата на претпријатието. хс/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Полициските хеликоптери исфрлија над 50 тони вода врз пожарите во Малино и Немањица

ВИДЕО: Евакуација на жителите на Немањици

Едно лице загина во пожарот кај кумановско Кокошиње