Утрински Весник
Македонија

Релаксираниот пристап на Шведска кон коронавирусот може да заврши лошо

Релаксираниот пристап на Шведска кон коронавирусот може да заврши лошо

13 април 2020

Тајм – Њујорк

Кога Клои Фу(24) излегла да трча во понеделникот навечер, улиците на Стокхолм биле полни со луѓе кои пиеле во ресторани и уживале во првиот сончев ден по долгата зима.

„Кога шеташ наоколу, има целосно отсуство на паника“, истакна Фу, која се преселила во Шведска од САД минатата година.

„Улиците се исто толку прометни како и минатата пролет“, додаде Фу.

Додека многу јавни простори низ Европа се празнат, жителите излегуваат од дома само да купат неопходни продукти или лекови, животот во Шведска тече како и вообичаено. Децата одат на училиште додека возрасните се среќаваат за вечера во нивните локални ресторани. Само ризичните групи се советувани да се изолираат и некои од нив да работат од дома. Сепак, во Шведска, каде има потврдено 9.141 случај и 793 се починати (н.з. во моментот на објавување на текстот), експертите се загрижени дека слабите мерки можат да доведат до сериозна епидемија во земја со само десет милиони жители.

Шведска има релативно висока стапка на смртност: заклучно со 8 април, 7.68 проценти од Швеѓаните кои биле позитивни на коронавирусот починале. Соседните држави, како Норвешка и Данска имаат стапки на смртност од 1.46 проценти и 3.85 проценти

(Стапката на смртност во случајот на САД е 3.21 отсто). Додека високата стапка на смртност во Шведска е поради мал број тестирања во споредба со соседните земји, експертите велат дека лежерниот пристап на Шведска е исто така една од причините.

Владата на Шведска продолжува да се залага за полесни мерки. Шведската агенција за јавно здравје ги советува граѓаните да ја покријат устата кога кашлаат или киваат и често да ги мијат рацете, но не повикува на мерки за карантин. На 11 март, шведската влада ги сведе јавните собири на 500 луѓе, а на 29 март ги сведе на 50 луѓе. Другите земји како Германија и Австралија забранија собири на повеќе од две лица. Претходната недела, Шведска извести дека домашните летови ќе продолжат и покрај тоа што претставуваат ризик за ширење на вирусот.

Андрес Тегнел, главен шведски епидемиолог кој ја следи реакцијата на владата кон Ковид-19, истакна дека владата треба да дозволи вирусот да се шири полека низ населението, како првичниот пристап на Велика Британија и Холандија пред и двете држави да ја променат стратегијата и да докажат дека ваквиот пристап може да го оптовари здравствениот систем. На 5 април, Тегнел изјави за шведска телевизија дека коронавирусот може да биде запрен со колективен имунитет или комбинација од имунитет и вакцина. (Вакцината за Ковид-19 најверојатно ќе има за околу 14 месеци)

Многу експерти од Шведска истакнаа дека сегашната стратегија е опасна.

„Колективниот имунитет нема никаква смисла бидејќи не знаеме дали некој ќе стане имун“, вели Неле Бруселаерс, вонреден професор на клиниката за епидемиологија. Таа додаде, „овој вирус може да убие секого“.

Кон крајот на март, 2.300 лекари, научници и академци потпишаа отворено писмо до шведската Влада, повикувајќи на строги мерки.

„Ние мислиме дека нема научен доказ за нивната стратегија“, истакна Сесилија Содерберг- Науклер, експерт за микробна патогенеза која го потпиша писмото. Таа додаде дека Владата не сака да ги споделува информациите со научниците, што ја навело да верува дека стратегијата на Владата не е базирана на докази.

Карина Кинг, епидемиолог за заразни болести, се сложува дека недостигот на транспарентност на Владата прави навистина да е тешко да се дадат соодветни научни размислувања за нивниот пристап, бидејќи ја немаат објавено својата наука. Таа додаде дека Владата на Шведска нема вложено конкретни напори за тестирање, следење на контактите и карантин, како Јужна Кореа, што е стандарден протокол да се сопре ширењето на почетокот на епидемијата.

Како и да е, Кинг истакна дека Шведска може да биде редок случај каде карантин на национално ниво не е потребен. „Шведска е уникатна“, вели таа. „ Нема многу интеракциски домаќинства. Тоа е земја во која може да има различен пристап“.

Иако меѓучовечката дистанца се почитува во шведската култура и 40 проценти од домаќинствата немаат деца, експертите велат дека Ковид-19 сепак може да се шири брзо и во вакви услови. Шведска е на второ место по најмал број кревети на интензивна нега, по Португалија, со само пет кревети за секои 100.000 жители. Здравствениот систем најверојано нема да може да се справи со посериозна појава на коронавирусот.

Во моментов, експертите велат дека шведската Влада не ги почитува насоките од СЗО, кои ги советуваат земјите во кои има коронавирус да ги лоцираат контактите и да воведат строги мерки за самоизолација. „Изненадена сум и фрустрирана што тие сè уште немаат преземено никаква акција ниту ги слушаат советите од организации како СЗО“, вели Бруселаерс. „Тие не почитуваат какво било предвидување што е објавено од експерти во тоа поле, тие дури и не даваат одбрана“.

Главен лекар во голема болница во Шведска истакна дека сегашниот пристап веројатно ќе заврши со историски масакр. Тој истакна дека здравствените работници во неговата болница што биле позитивни на вирусот, но се асимптоматични, биле советувани да продолжат со работа. Тој побара да остане анонимен, бидејќи треба да негодува за пандемијата или да се спротистави на официјалната визија, но истакна дека чувствува потреба да зборува од етичка и медицинска гледна точка.

Содерберг-Накулер истакна дека е многу доцна да се спречи хаосот во Стокхолм, но превентивните мерки за карантин можат да се спроведат во други делови од земјата.

„Ако тие се во право и ние грешиме, ќе отворам шише шампањ“, истакна Содерберг-Науклер. Таа забележува дека, врз основа на моделирањето што го видела, здравствениот систем во Шведска ќе пропадне доколку не бидат донесени построги мерки веднаш. „Но, јас нема да се откажам од борбата сè додека Владата не покаже докази за нивната стратегија“.

Додека експертите се занимаваат со пристапот на Владата, многу Швеѓани се чини дека ја поддржуваат. Анкетите за истражување на јавното мислења покажуваат дека граѓаните веруваат во јавното здравство, каде 48 проценти од населението велат дека имаат голема или многу голема доверба во институциите. – -Ретко е за шведското општество јавно да не се согласи со владата, истакна Фу. -Иако луѓето се загрижени дека ќе ги изгубат саканите, тие исто така мислат дека Владата ја прави вистинската работа.

И Швеѓаните имаат натпросечна доверба во своите политичари, кои пак, им веруваат на граѓаните да ги следат нивните совети.

„Во Шведска, пристапот од секогаш бил владата да даде предлози и да се дозволи јавноста да одлучи“, вели Јохан Ерик Лалерстет, 23-годишен режисер што живее во Стокхолм. „Без разлика на насоките што Владата може да ги даде, тоа се само предлози. Ништо не е присилно“.

Но Содербер-Науклер верува дека епидемијата може да доведе до крај на долгата историја во јавната доверба на Владата. „Ако го ставите животот на луѓето во ризик во демократско општество и не им помогнете, како општеството ќе им верува на политичарите?“, истакна таа. „Не сакам да живеам во општество што ги третира луѓето на овој начин“. ки/ссм/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег