Утрински Весник
Македонија

Детектор: Онлајн-наставата е најприфатливо решение за надополнување на пропуштеното образование

Детектор: Онлајн-наставата е најприфатливо решение за надополнување на пропуштеното образование

Скопје, 12 април 2020 (МИА) –  Онлајн-наставата е најприфатливо решение за надополнување на пропуштеното од учебната година поради корона вирусот, смета мнозинството граѓани во најновата анкета коja по нарачка на „Детектор“ ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 36,1 проценти сметаат дека пропуштената настава треба да се надополни преку онлајн-предавања, 28 отсто дека треба да се продолжи школската година додека 8,7 проценти сметаат дека најдобро решение е наставата да се надополни со одработување на саботите.

Етничката диференцијација на граѓаните кои одговарале на прашањата покажува дека етничките Македонци и нивните сограѓани Албанци имаат различен став кога станува збор за начинот на кој што би требало да се сработи она што се пропушта во оваа учебна година поради вирусот.

Додека Македонците во мнозинство сметаат дека најдобро решение е онлајн наставата,
етничките Албанци сметаат дека треба да се продолжи наставата. Па така, 39,9 отсто од етничките Македонци се за онлајн-настава, 25,4 отсто за продолжување на учебната
година, додека 7,7 отсто за одработување на саботите.

Кај етничките Албанци, најголемиот дел или 34,5 отсто сметаат дека најдобро решение за надополнување на пропуштеното образование поради корона вирусот е да се продолжи учебната година, 24,6 проценти се определиле за онлајн-настава, а 12,3 проценти
за одработување на саботите.

Граѓаните од останатите етнички заедници, исто така, во мнозинство се за продолжување на учебната година. Ваков став делат 37 проценти од анкетираните граѓани од другите етнички заедници, 32,6 отсто се за онлајн-настава, а 6,5 отсто за одработување на пропуштената настава во саботите.

Кога станува збор за онлајн-наставата, 82,1 отсто од граѓаните кои имаат деца на училишна возраст велат дека имаат соодветни средства за на овој начин да го следат образовниот процес, додека 10 отсто велат дека немаат.

Во Скопје, 92,1 отсто од граѓаните велат дека се соодветно опремени за следење онлајн-настава. Процентот е висок и во селата. 83,2 од анкетираните кои живеат на село велат дека имаат средства за следење онлајн-настава. Слична е ситуацијата и со граѓаните кои живеат во помалите градови – 81,3 отсто од нив велат дека ги имаат сите средства за следење  е-настава. Во големите градови, 74,9% од граѓаните велат дека имаат средства за следење на наставата-онлајн.

Над половина од граѓаните сметаат дека училиштата во нивните општини имаат соодветни мерки за да ја надополнат пропуштената настава. Ваков став делат 52 отсто од анкетираните, додека 16,6 проценти сметаат дека општините не преземаат соодветни мерки за надополнување на пропуштеното образование.

Според анкетата на „Детектор“, најлоша е состојбата во југоисточниот регион. Таму само 38 отсто од граѓаните велат дека општините преземаат соодветни мерки. Слично е и во полошкиот регион каде 39,8 отсто од граѓаните одговориле дека училиштата преземаат соодветни мерки за надополнување на пропуштената настава.

Најмногу граѓани или 64,4 проценти велат дека училиштата од нивната општина преземаат соодветни  мерки за надополнување на пропуштеното образование.

Анкетата по нарачка на „Детектор“ телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници во периодот од 18 до 21 март оваа година со маргина на грешка од плус-минус 3 отсто. хс/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим