Скопје, 12 април 2020
До:
Претседателот на Владата на Р. С. Македонија, Оливер Спасовски
Главниот координативен кризен штаб
Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Санела Шкријељ
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев
Министерката за правда, Рената Дескоска
Министерот за здравство, Венко Филипче
Предмет:
Итни препораки за соработка и координација на надлежните институции за заштита
на жените кои претрпеле семејно насилство во услови на криза и вонредна состојба
Здружението за еманципација,солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ,
повеќе од една деценија обезбедува бесплатна правна помош и психосоцијална
поддршка на жени кои претрпеле семејно насилство. Работејќи посветено на оваа
проблематика, настојуваме и во услови на вонредна состојба и обврската за
почитување на превентивните мерки и препораки за заштита и превенција
коронавирусот КОВИД-19, да им обезбедиме соодветна помош и поддршка на
најранливите. Во таа смисла, сакаме да укажеме на потребата од взаемна соработка на
сите надлежни институции со цел да им помогнеме на жените и децата кои претрпеле
семејно насилство, а истовремено да придонесеме за заштита на јавното здравје.
Со цел обезбедување на ефективна заштита на жените кои претрпеле семејно
насилство, ги поднесуваме овие препораки за итно постапување на Владата,
надлежните министерства и институции во периодот на вонредна состојба и примена
на мерките за ограничено движење на населението во државата.
Препораки за информирање на жените за можностите за заштита
Владата, во соработка со МРТ, да ги информираат граѓаните за потребата од
пријавување, односно обврската дека секој има обврска да информира за
случување на семејното насилство, како и да се обезбедат основни
информации за помош и поддршка.
Владата, во соработка со сите мобилни оператори, да достави СМС порака за
пријавување на семејното насилство. Ваква информација да биде достапна и на
сите он-лајн средства кои ги користи Владата и ресорните министерства со цел
сите заинтересирани и да ги добијат сите информации за можностите за
заштита и конкретно за начинот на функционирање на системот во
вонреднасостојба. Да не се претпоставува дека веќе поставените контакти
овозможуваат и пристап до заштита.
Владата, во соработка со претпријатијата кои издаваат месечни сметки за
снабдување со струја и вода, да вметнат кратко инфо за пријавување и заштита
од семејно насилство,оние кои немаат телефон да се информираатсо цел да се
упатат каде можат да се обратат директно.
Владата, во соработка со поголемите ланци на супермаркети или локално
познати поголеми продавници, да дистрибуираат лифлети со кратко инфо за
пријавување и заштита од семејно насилство.
за оние кои немаат ТВ и мобилни апарати, односно живеат во супстандардни
услови и немаат пристап до струја и вода, да се информираат преку локалните
кризни штабови, односно претставници на заедницата кои имаат контакти со
оваа ранлива категорија на граѓани. Овие активности Владата да ги организира
преку Локалните кризни штабови.
МТСП и МВР веднаш да ги контактираат сите локални кризни штабови во
единиците на локалната самуправа и да ги информираат за потребата од
обрнување на внимание на појавата на семејно насилство, како и да ги
информираат за начинот и потребата од итност во постапување во овие случаи.
Локалните кризни штабови да ги информираат најранливите категории на
граѓани за појавата на семејно насилство и можната заштита од истото.
Препораки за обезбедување на заштита на жените кои претрпеле семејно насилство
Владата да формира посебен кризен фонд за заштита за покривање на
трошоците за згрижување и животните трошоци за жените кои претрпеле
семејно насилство и нивните деца.
МТСП итно да достави информација за итност во постапувањето на ЦСР во
случаите на семејно насилство, преку: итно одговарање на барањата на жените
кои претрпеле семејно насилство, добиени преку службена пошта или
телефонски повици; зголемена подготовка на предлози за изрекување на
привремени мерки за заштита од семејно насилство во соработка со полиција,
здравствени установи, граѓански организации и др.; промена на решенијата за
видување на децата, односно ограничување на видувањата на децата во
периодот додека се на сила мерките на Владата за ограничено движење на
населението; асистирање на полиција во згрижувањето на жените кои
претрпеле семејно насилство и утврдување на нивните потреби;
МТСП итно да достави информации до ЦСР за интензивирање на соработката
со граѓанските организации каде жртвата го пријавила насилството, во однос на
проценката на ризик и опасност од насилство и преземање на понатамошни
дејствија за заштита на жените и нивните деца.
МВР да достави наредба со телеграма до сите полициски станици, сите случаи
на семејно насилство кои се пријавени по телефон или во полициска станица да
бидат заведени и веднаш да биде информиран надлежниот инспектор кој
работи на оваа проблематика. Воедно, МВР да наложи итност во постапувањето
на надлежните инспектори во случаите за семејно насилство, вклучително и
излегување на терен во семејствата во кои се случило семејно насилство и
обезбедување на згрижување на жените кои претрпеле семејно насилство.
Полицијата, во соработка со ЦСР, да го организира згрижувањето на жените кои
претрпеле семејно насилство, да го посетат домот, да асистираат за земањето
на личните работи на жената и децата и да организираат сместување во
засолниште или хотел во нивното место на живеење. Жените кои не прифаќаат
да бидат засолнети во државните засолништа веднаш да бидат сместени во
хотели во местото на живеење на жената, се до завршување на вонредната
состојба, со надоместување на овие трошоци, како и трошоците за живот,
преку фондот формиран за таа намена. Полицискиот инспектор да организира
редовно патролирање на полиција во местото на сместување на жртвата.
Министерство за правда, во соработка со Советот на јавни обвинители и ЈОРСМ
да достави информации до ОЈО за итност во постапувањето во кривичните
постапки за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство:
присилба (член 139 ст.2); противправно лишување од слобода (член 140 став 2
од КЗ); загрозување на сигурноста (член 144 ст.2); убиство (член 123 ст.2);
телесна повреда (член 130 став 2); тешка телесна повреда (член 131 ст.2).
Министерство за правда, во соработка со Судскиот совет, да достави
информации до основните судови за итност во постапувањето по предметите за
семејно насилство: процесуирање на кривичните судски постапки за сторени
кривични дела како резултат на семејно насилство; вон судско рочиште
изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство во
граѓанските судски постапки; и процесуирање на постапките за доверување на
децата или промена на одлука за старателство (во ситуации кога има опасност
по детето).
Министерството за здравство итно да достави до здравствените установи
информација за обезбедување на бесплатни здравствени услуги за жените кои
претрпеле семејно насилство, како и да соработуваат со ЦСР и полиција при
преземањето на мерки за заштита од семејно насилство.
Како организација стоиме на располагање за дополнителни информации и предлози
за надминување на новонастанатата ситуација, а со цел заштита на една од
најранливите категории граѓани. Можете да не контактирате на следниов број:
078 323 191.
Во очекување на брз одговор и реакција од Ваша страна.
Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ
__________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки