Утрински Весник
Македонија

Македонија сè уште нема црвени листи за сите загрозени видови животни

Македонија сè уште нема црвени листи за сите загрозени видови

Балканскиот рис, белоглавиот и египетскиот мршојадец долги години се меѓу најзагрозените животни во земјава, но листата на видови во опасност постојано се зголемува. Неконтролираното темпо на користење на биолошките ресурси во светот, но и кај нас може да доведе до неповратно губење на огромен број животни и растенија. Прифаќањето на природата, генерално, како ресурс, а не како богатство од видови кое треба да се заштитува, чува и одржува, мора да се промени, пред состојбите да станат катастрофални.

Во Македонија се останати само четириесетина возрасни единки рис, што ова диво животно го става на листата на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со статус на критично загрозено животно. Македонското еколошко друштво во 2018 година регистрирало само 14 пара египетски и десетина пара белоглави мршојадци. Тоа се два од четирите видови кои некогаш се гнезделе во земјава, додека брадестиот и црниот мршојадец веќе подолг период ги нема.

Пред две години Македонија изготви Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план до 2023 година. Врз основа на досегашните активности и истражувања за состојбите со биодиверзитетот изготвена е првата национална Црвена листа на херпетофауна на која се наведени сите загрозени видови водоземци и влекачи, која во моментов е единствената дефинирана црвена листа на загрозени видови во земјата. Црвените листи за останатите видови не се завршени, а се суштински за да одговорат на прашањето каква е состојбата со биодиверзитетот, кои се видовите кои се во најголема опасност и да послужат како основа за акциски мерки.

Покрај криволовот и драстичното намалување на неговата храна, срната, илегалната сеча на шумите и напливот на кучиња скитници во руралните делови во земјата, се меѓу главните закани за опстанокот на балканскиот рис. Македонското еколошко друштво долги години спроведува теренски активности за спас на овој вид, во кои се обележани и се следат десетина животни. Последниот, кој пред еден месец доби околувратник со кој ќе се следат неговите движења, е женка стара десетина години. Таа го доби името Атиџе.

Диме Меловски ја проверува кутијата – замка за балканскиот рис

Македонското еколошко друштво има документирано како кучиња скитници мршојадат од храната на рисовите. Знаеме дека кај нас има голем број на несовесни сопственици кои, кога сакаат да се ослободат од миленикот, го носат во село. Тие кучиња почнуваат да лутаат и да ги користат инстинктите за да обезбедат храна. Тие во природата се принудени да се снаоѓаат и да ловат, со што создаваат голем притисок врз пленот на рисот, вели Диме Меловски од МЕД.

Посочува дека 40 возрасни единки е критична бројка која во следните дестина години може драстично да опадне ако не се заштитат правилно, особено доколку со криволовот им се намали пристапот до храна, но може и значително да порасне, доколку продолжат сегашните активности и заштитата. Драстично е намалена и бројката на мршојадци, животни кои се исклучително важни во синџирот на исхрана, а главната причина е фрлање отрови во природата со кои најчесто сточарите ги трујат дивите животни што им ги напаѓаат стадата. Резултат на тоа е целосно истребување на два вида мршојадци и десеткување на популацијата на белоглавиот и египетскиот мршојадец. Египетскиот мршојадец има статус на глобално загрозен вид според Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) и строго заштитен вид според Бонската и Бернската меѓународна конвенција.

Македонија се карактеризира со исклучително богата флора, фауна и фунгија што е резултат на геолошка, геоморфолошка, климатска разновидност. Професорот Златко Левков од Институтот по Биологија вели дека во изминатите пет години во земјава се откриени и опишани над 100 нови видови растенија, габи, алги, полжави, пајакообрзазни и инсекти, но заради недостатокот на детални истражувања нивниот степен на загрозеност не може во целост да се определи.

Врз основа на голем број вакви истражувања во Македонија конечно е припремена првата Национална Црвена листа за водоземци, влекачи и растенија. На листата се наоѓаат вкупно 14 загрозени видови растенија, 14 вида водоземци и 32 вида влекачи, од кои како најзагозен се смета остроглавата лутица. Покрај овие групи, за цицачите и птиците постојат одреден број податоци кои укажуваат дека видовите белоглав мршојадец, египетски мршојадец, царскиот орел и црн штрк се сметаат за силно загрозени, додека од цицачите како најзагрозени се сметаат балканскиот рис, карамановата стоболка и шарениот твор. Од рибната фауна се смета за загрозени охридската и брајчинска пастрмка и белвицата“, вели Левков.

Согласно со обврските од Конвенцијата за биолошка разновидност Владата пред две години ја донесе Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план до 2023 година, а на веб страницата на Министерството за животна средина од минатата година е поставена и првата национална Црвена листа на водоземци и влекачи.

Дополнително извршена е проценка на 14 видови васкуларни растенија, кои имаат меѓународно и национално значење и изготвена е Приоритетна листа на таксони на флората на национално ниво како основа за понатамошна селекција и утврдување на конечна листа со приоритетни таксони за Црвената листа на флората на државата. Крпач и Darcemont имаат предложено црвена листа на дневните пеперутки во која се вклучени 69 видови, додека Караделев и Русевска предлог Црвена листа на габи. Во тек се спроведуваат активности за изработка на Национална црвена листа за габи и крупни ѕверови“, велат во Министерството.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош