Утрински Весник
Македонија

Важноста на мерките за физичко дистанцирање претставена на примерот на нордиските земји

Важноста на мерките за физичко дистанцирање претставена на примерот на нордиските земји

10 април 2020

Национална географија – Вашингтон

Секојдневното ажурирање на графиконите што ја илустрираат стапката на смртност предизвикана од Ковид-19 им помага на експертите да го разберат ширењето на вирусот и начинот на кој ширењето може да се спречи. Меѓутоа, кога ќе се споредат различни држави како Јужна Кореа, Кина, Италија и Велика Британија заклучокот е дека на начинот на ширење на вирусот влијаат различни фактори, истакна Пол Франкс, професор по генетска епидемиологија на Универзитетот Лунд за „Конверзејшн“ (The Conversation).

Овие земји се разликуваат на многу важни начини, вклучувајќи ја и демографијата, граѓанската послушност, густина на населеност, обрасци на социјална интеракција, квалитетот на воздухот и генетика. На пример, региони во кои живеат повеќе стари лица, како во Италија, има повеќе смртни случаи отколку во другите земји. А европските општества веројатно никогаш нема да прифатат драконски мерки, какви се применуваат во Кина и Јужна Кореа, истакна Франкс.

Од таа причина, од научна перспектива, а и во недостиг на подобри модели, можеби најдобар пример за споредување на ефикасноста на мерките.се нордиските земји Шведска, Данска, Норвешка и Финска, кои се културно, економски и географски слични, но применуваат различни мерки за спречување на ширењето на новиот коронавирус.

Иако е уште рано за конечни одговори во тоа кои мерки најдобро функционираат, веќе можат да се извлечат некои интересни заклучоци.

Шведскиот пристап се разликува од пристапот што го практикуваат нејзините соседи. Шведска ја стави одговорноста во рацете на граѓаните, советувајќи ги да се однесуваат одговорно. И покрај состојбата во светот, кафулињата, рестораните и училиштата во Шведска работат, а граѓаните уживаат во прошетките во парковите.

За разлика од Швеѓаните, нивните културно слични соседи, воведоа многу построги мерки. Во Данска, Норвешка и Финска училиштата се затворени пред неколку недели, а движењето е строго ограничено.

Што покажуваат истражувањата?

Истражувањата што ги правеа водечките британски експерти го покажаа следново. До 28 март процентот на ширење на коронавирусот во Шведска бил 2.47 отсто, во Норвешка 0.97, а во Данска околу еден процент.

Иако е многу рано да се види јасен ефект на мерките врз основа на смртната стапка, до први април смртните случаи од вирусот Ковид-19 во Шведска биле 24 лица на милион жители, додека во Норвешка на милион жители починале осум лица. Финска има најниска стапка на смртност и изнесува три лица на милион жители.

Брзината со која вирусот се шири е важна, бидејќи што поголем број луѓе се заразени во ист момент, помали се шансите болниците тоа да го издржат. Основна цел во борбата со епидемијата е да се намали бројот на дневни приеми на пациенти во болниците, за да се одржи функционален здравствен систем.

За да се спречи колапсот на здравствениот систем, нордиските земји направиле пресметки на нивните капацитети, а резултатите покажале дека товарот што болниците ќе го поднесат е сличен во сите земји, а тоа е 528 до 544 смртни случаи на милион жители.

Во однос на државите што воведоа драстични мерки и со тоа ја „развлекуваат“ епидемијата, постои стравување дека во Шведска, поради лабавите мерки, ќе има голем број заболени и смртни случаи во рок од неколку недели, а здравствениот систем тоа нема да може да го издржи. ки/ссм/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме