Утрински Весник
Македонија

Кризниот штаб на Општина Шуто Оризари апелира да не се создава паника меѓу населението

Демант од Општина Шуто Оризари

Скопје, 9 април 2020 (МИА) – Општина Шуто Оризари и Кризниот штаб апелираат до граѓанските организации во иднина да не ја известуваат јавноста за заболени по улици, како што е случајот со „Брсјачка буна“.

– Самото спомнување на улицата кај населението од таа улица која брои над 400 домаќинства создаде паника кај населението и дополнителна стигматизација на дел од лицата кои изминатиов период допатуваа од странство и беа во самоизолација. Кризниот штаб во моментов не располага со официјална информација дека на споменатата улица има лица позитивни на Ковид-19 и секоја информација која Кризниот ја дистрибуира до јавноста е без напомена на улиците на живеење. Апелираме истото да го следат и сите кои известуваат за случувања на општината, со уште една напомена за целта на ваквото известување: спречување на стигматизацијата и креирањето на паника помеѓу населението која најмалку е  потребна  во овој период, се вели во соопштението од координаторот на Кризниот штаб, градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш.

Од Општинскиот кризен штаб потсетуваат на досегашните преземени активности во Општина Шуто Оризари, како тимовите кои секојдневно вршат дезинфекција на јавни и на затворени површини. Посочуваат дека сите информации редовно се објавуваат на веб-страницата на Општината и оти се водат записници на Кризниот штаб. На граѓаните досега им се поделени 7.000 маски и 7.000 ракавици, а до домаќинствата се дистрибуирани материјали со превентивни мерки.

Во Општината има идентификувано околу 2.000 семејства кои се под зголемен социјален ризик периодов поради неможноста да ги вршат своите работни дејности. На дел од овие семејства, локалната самоуправа заедно со партнери и поддржувачи им дистрибуира пакети со хигиенски средства и храна.

– Се согласуваме дека посебни мерки треба да се разгледаат и усвојат доколку има појава на позитивни лица на Ковид-19 во места кои се густо населени и каде што нема услови за соодветна самоизолација и домашно лекување. Доколку се појават вакви случи, локалната самоуправа, односно Кризниот штаб ќе побара помош и поддршка директно од Владата, МТСП и Министерството за здравство за да се изнајде соодветно решение за семејствата, со цел превенирање на жариштата во населбата, како и соодветен пристап до здравствена заштита, стои во соопштението од координаторот на Кризниот штаб.мд/лв/

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите