Иако редовно се објавуваат записниците од состаноците на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, сепак тие не вклучуваат детали за текот и за содржината на дискусиите. Ова го покажува шестиот периодичен извештај за работата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ), спроведен од Евротинк – Центарот за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човековите права на Република Северна Македонија.
Во периодот јануари-февруари 2020 година Комисијата на АЕК во овој период одржала 2 состанока, биле спроведени 8 јавни набавки, огранизирани 5 јавни расправи и се објавиле 4 соопштенија. Меѓутоа, во записниците нема детали за содржината на дискусиите.
Тендерската документација за сите 8 јавни набавки е уредно објавена, покажува истражувањето. Но, јавните набавки не се објавуваат на интернет страницата на АЕК заклучно 20 септември 2019 година. Нема многу објави ниту на соцјалните мрежи. Во овој период, Агенцијата има три Фејсбук објави и ниту една објава на двата Јутjуб канали и на Твитер.
Информациите од извештајот, покажуваат дека А1 Македонија (48,48%) и Македонски Телеком (48,81% ) сѐ уште претставуваат дуопол на пазарот на мобилната технологија.
Во 2020 година планирани се обуки за вработените во Секторот за контрола и мониторинг на радиофрекфенциите и обуки за ИСО стандардизација за сите раководители на сектори/служби и советници на директорот, како и за сите носители на процедури во АЕК. Исто така, планирано е оваа година јавните состаноци да се одржат на 17 мај во рамките на Меѓународната регулаторна конференција и доцна наесен.
Во извештајот се препорачува поголема ангажираност на АЕК за превенција, едукација и подигање на свеста на корисниците за можните измами, како и штетата и опасностите кои тие можат да ги предизвикаат.
„Препорачуваме подобра промоција на алатката „Прашања и одговори“, со цел подобра промоција на оваа алатка и нејзина поголема искористеност“ – се вели во извештајот.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) пак, во периодот јануари-февруари 2020 година, покажала континуитет во отчетното и транспарентното работење. Од Агенцијата спореведени и донесени се три постапки, од кои, тендерот за адаптивно и превентивно одржување на софтверските апликации од системот за мониторирање и оперативните системи е поништен. Исто така, Советот усвоил промени во Годишниот план за јавни набавки за 2020 година.
„Начинот на кој извршната и законодавната власт ги протнаа последните измени на ЗААМУ на „мала врата“ и во скратена постапка, непосредно пред распуштањето на Собранието, покажува штетна нетранспарентност во процесот на носење клучни законски промени, во мошне сензитивниот временски период на предизборието. Случувањата поврзани со последните законски измени, уште еднаш ја покажуваат потребата АВМУ, како регулаторно тело, да биде многу поактивна и посуштински вклучена во креирањето на аудио и аудиовизуелните медиумски политики и регулатива“, се вели во извештајот.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.