Делчево, 8 април 2020 (МИА) – Во кругот на Територијалната противпожарна единица во Делчево започнаа обуките за членовите на Просторните сили во Делчево. Како што информираше Миле Тодоровски, одговорен за обуките од ТППЕ Делчево, со активноста се опфатени вкупно 16 лица кои ќе бидат замена на пожарникарите во случај на појава на зараза од Ковид-19, помеѓу припадниците на Територијалната противпожарна единица.
-По иницијатива на општина Делчево со Кризниот штаб, сме задолжени да формираме просторни сили за не дај боже црно сценарио со Ковид-19, ако меѓу нас има некој позитивен на вирусот, да можат да се ангажираат просторните сили, вели Тодоровски.
Целта на обуките како што додава, е да може да се одговори на предизвикот со гаснење на шумски и други пожари.
-Овие лица ќе се обучуваат на основните техники на гаснење пожар на отворено и во затворен простор. Имаме на располагање вкупно 16 лица кои ќе можат да одговорат и на интервенции на објекти доколку има потреба. Членовите на просторните сили се поделени во 4 групи, а дел од обуките исто така е приклучувањето на црева и пуштање на линии од камиони во случај на интервенција, додаде Тодоровски.
Просторните сили заеднички ќе се координираат од страна на лице вработено во општината, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата заштита и спасување. вс/ир