Утрински Весник
Здрав Живот

Совети како да се грижиме за убавината во домашни услови

Совети како да се грижиме за убавината во домашни услови

Скопје, 8 април 2020 (/) – Веќе е многу добро познато дека поради ситуацијата со вирусот COVID-19 во која се наоѓа нашата држава сите мораме да останеме дома за доброто на себеси и на сите околу нас. Исто така добро познато ни е дека сите салони за убавина се привремено затворени.

Кога веќе имаме слободно време, зошто да не го искористиме за разубавување во домашни услови.

Секој ден можете да направите различна маска за лице или да пробате да го подобрите изгледот на вашето тело со третмани кои ќе ги направите сами во вашиот дом. Ќе ви годат моментите за себе, а и навистина ви е потребно да се чувствувате убаво во својата кожа и кога сте дома.

Не секогаш мора да потрошите цело богатство во грижата за вашето лице и тело. Одлични третмани можете да направите со најобични состојки кои веќе ги имате во својот дом, само треба правилно да ги комбинирате.

За таа цел учениците-козметички техничари при СУГС „Димитар Влахов” подготвија за вас неколку маски за лице и спа третмани кои можете да ги подготвите во вашиот дом. Еве што Благица, Бојана, Маја, Викторија, Катерина, Елена и Анастасија Ви препрачуваат.

Домашен пилинг

Основната состојка на овој пилинг за лице е кафето, но и останатите намирници може да ги најдете во својата кујна.

*Пилингот од кафе ја регулира циркулацијата, ги отстранува мртвите клетки од кожата, а со тоа ѝ дава одличен сјај и свеж изглед на кожата.

*Потребно ќе ви биде:

– една лажица талог од кафе

– една лажица мед

– една лажица маслиново масло

*Начин на подготовка:

Измешајте го талогот од кафето, медот и маслиновото масло. Смесата ставете ја во фрижидер и оставете ја 30 минути. Потоа нанесете ја на лице и измијте со млака вода. По само неколку дена ќе забележите неверојатни резултати.

Вака изгледа пилингот од кафе

Третман со пареа

Третманот со пареа е популарен природен метод за чистење на кожата на лицето. Пареата ја омекнува кожата, ги отвора порите и помага во чистењето на насобраната нечистотија. Ваквиот третман може да ја контролира појавата на акни и митисери, но исто така може да ја зголеми циркулацијата за да ви даде здрав и младешки блесок на кожата.

Постапка- третман парење на лицето

Чекор 1

Темелно исчистете го лицето со помош на нежно средство за чистење. Измијте го лицето со млака вода за да ги отстраните маснотии или нечистотии од кожата.

Чекор 2

Во широко тенџере ставете половина литар вода која треба да врие и да создаде водена пареа. За парење на лицето можете да го користите тенџерето во кое сте ја зовреле водата или може да ја претурите водата во широк, длабок, стаклен сад, како што е претставено на фотографијата. Бидете внимателни да не се изгорите. Парењето можете да го правите само со вода, или можете да користите билки или етерични масла, со кои ќе се подобри ефектот, а и ќе се создаде пријатно чувство.

Се верува дека одредени билки и масла можат уште да ги зголемат бенефитите од парењето, во зависност од типот на вашата кожа.На пример:

За масна кожа: зелен чај, тенки парчиња лимон, камилица, нане.

За сува кожа: лаванда, камилица, масло од роза, зелен чај.

За чувствителна кожа: камилица, лаванда.

За комбинирана кожа: лаванда, зелен чај.

Откако ќе направире избор, состојката ставете ја во садот со жешка вода и оставете да стои 5-10 минути. Така пареата нема да биде многу жешка. Освен тоа, жешката пареа може да предизвика и појава на мали испукани капилари.

Чекор 3

Потоа ставете на лицето маска по ваш избор.Овој момент е најповолен за ставање на маска на лицето, затоа што порите на кжата се отворени и полесно ги примат состојките од маската.

Чекор 4

Измијте се со млака вода. Топлата пареа ги отвора порите, но по третманот потребно е да ги затворите порите. Тоа можете да го направите со млака вода.

Чекор 5

Премачкајте го лицето со крем за хидратација.

Маска од банана

Бананите се прородно антибактериско средство и одлични се за отстранување на дамки. Оние кои имаат чувствителна кожа можат да ја користат бананата како пилинг, а антиоксидансите и витамините во неа ќе го обноват колагенот во кожата и ќе помогнат во борбата против борите. Па еве и една згодна и брза маска од банана против акни.

Рецептура

една банана,

една голема лажица млеко,

една голема лажица пченкарно брашно и

малку мускантно оревче.

Постапка

Испасирајте ја бананата и помешајте ја со останатите состојки, па нанесете ја на чисто лице како што е дадено на фотографијата. Кога ќе се исуши измијте го лицето со млака вода.

За тонирање на сите типови кожа

На лицето нанесете рендано јаболко, нека отстои 15 минути, па исплакнете го лицето. Така кожата ќе ви биде тонирана и хидратирана.

Пилинг за тело

Солта е можеби најевтината состојка која често се користи како дел од домашните пилинзи за лице и тело. Таа има способност за детоксикација и за релаксирање на мускулите. Единствено треба да внимавате да не ја користите солта ако имате надразнета и оштетена кожа. Не користете пилинг со сол ако претходно сте се депилирале или пак бричеле.

Ако немате бадемово масло лесно можете да го замените со маслиново или сончогледово масло.

Како да го подготвите?

Измешајте 2 шолји сол со 1 шолја бадемово масло и додајте 15 капки етерично масло по ваш вкус. Најдобро е да употребите масло од лаванда.

Нанесете ја смесата по телото. Започнете го масирањето од долниот дел на нозете па нагоре.

Пилинг

Домашна смеса за ефикасно отстранување на целулит

Потребни состојки

1 супена лажица сода бикарбона

1 супена лажица мед

Малку вода

Начин на подготовка и употреба

Едноставно, измешајте ги содата и медот, а потоа додадете малку вода и поставете ја смесата на оган, да се вари. Откако ќе зоврие, варете ја смесата уште дополнителни 2-3 минути, а потоа оставете ја сосема малку да се излади (не целосно).

Така, додека сè уште е топла, нанесете ја смесата врз оние делови од вашето тело каде имате целулит и масирајте околу 3 минути, а потоа измијте со топла вода.

Нега на рацете

Пилингот е важен, како за целото тело, така и за рацете. Важно е да ги отстраните мртвите клетки од кожата, а тоа може да го направите многу едноставно, без да купувате козметички препарати.

Пред постапката, измијте ги и исчистете ги рацете.

Измешајте малку кристален шеќер и маслиново масло и истријте ги рацете со таа смеса.

По пилингот, нахранете ги со крем или ставете маска.

Наполнете сад со топла вода и во неа ставете малку овесни снегулки. Ставете ги рацете внатре и држете ги таму некое време. Кожата ќе стане мека и мазна од овесните снегулки.

Луѓето со екстремно сува кожа може да ги намачкаат рацете со хидратантен лосион или крема и да ги стават во ракавици навечер.

Нежно масирајте ги рацете

Изработиле: Анастасија Накова, Маја Јакова, Благица Филова, Бојана Илиевска, Катерина Рабаџиска, Елена Арменска, Викторија Коцевска – Козметички техничари при СУГС „Димитар Влахов“ Скопје.фф/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Газирана вода го намалува апетитот

Ljuljeta

Сакате тиква? Ќе ви биде мило да слушнете какви придобивки се поврзани со неа

Ljuljeta

Јадете овој вид на протеини за да живеете подолго

Jana