Скопје, 7 април 2020 (МИА) – Филијалите и експозитурите да се посетуваат само кога е неопходно, да се користат повеќе услугите за електронско и мобилно банкарство, а при неопходна посетеност да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита, апелираат од Македонската банкарска асоцијација.
Од Македонската банкарската асоцијација преку денешното соопштение упатија апел до граѓаните целосно да ги почитуваат насоките кои се дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето, да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно да се користат платежните картички.
МБА потенцира дека сите банки и штедилници интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на своите клиенти.
– Филијалите и експозитурите да се посетуваат само кога тоа е неопходно и да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство коишто во овој период се бесплатно достапни 24/7 (преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање на сметки – услуга за којашто повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите), соопшти МБА.
Оттаму појаснуваат дека во моментов се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти коишто ги посетуваат банките е поголем.
-Со цел соодветно постапување во функција на заштита на јавното здравје, во текот на овие денови, кога заради исплатата на пензии и на социјална помош, бројот на клиентите коишто ги посетуваат филијалите и експозитурите е зголемен, и тоа особено во одредени делови од денот, банките, покрај поставувањето ознаки за соодветна раздалеченост пред филијалите, експозитурите и банкоматите, како и известувања и визуелни препораки за заштита на влезовите, постепено воведоа и редарски служби со надворешно ангажирани лица или со вработени од филијалите и експозитурите, секаде каде што беше потребно, а се издаваат и броеви за ред за чекање.
Притоа, како што појаснуваат во соопштение, се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот кој е активен во овој период во банките, бидејќи дел од вработените се отсутни заради мерките за заштита, а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација.
Заради соодветна информираност на клиентите, МБА препорачува да се следат комуникациските канали на банките, преку коишто се објавуваат и информации за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите (во моментов, влез од 2 до 5 клиенти во исто време) како и за режимот за работа за исплата на пензиите и на социјална помош.бт/са/