Скопје, 7 април 2020 (МИА) – Во моментов ги разгледуваме статистиките, сметаме дека мерките се сосема доволни, не размислуваме за воведување карантин 14 дена, но подготвени сме да воведеме и поригорозни мерки доколку се укаже потреба за тоа, рече на денешна прес-конференција Венко Филипче.
-Во овој момент ги разгледуваме статистиките, дека покрај овој мал пик што го имаше значајна разлика во бројот на новодијагностицирани пациенти, дека е на некој начин, да го наречам лажен пик, бидејќи циљано се тестираше на поголема група граѓани во Куманово кои беа прволиниски контакти со заболените и после тоа се вративме на вообичаената бројка меѓу 20-30 пациенти дијагностицирани во текот на 24 часа што претставува линеарен раст на бројот на пациенти, рече Филипче, одговорајќи на новинарско прашање.
Според Филипче, засега нема најава дека статистиките ќе поминат во некаква позагрижувачка форма, односно дека ќе почне експоненцијално да расте бројот на пациенти.
Посочи дека располагаме со доволно тестови односно имаме доволно тестови за тестирање. Според него има 4.000 тестови на располагање, 5000 донација, а постапка има за 3000 дополнителни тестови.
-Имаме сосем доволна количина, добивме и донација близу милион парчиња и имаме сосем доволно, близу 4000 се на располагање, 5000 се донација од приватната лабораторија, постапка има за дополнителни 3000, голема количина на најавена. Тестовите како бројка воопшто не се проблем, ниту пак може да бидат некаква закана во целокупниот овој процес на тестирања. Резултатите се пуштаат во неколку тури, има постапка, со оглед на големито број, може во едниот ден да се направи подготовка, а другиот ден тестот, додаде тој.
До сега тестирани кај нас се 5879 лица, а постои, како што појасни, сосем мал број пациенти кои се тестирани два пати, нешто што воопшто сериозно не ја менува оваа бројка.
Тој увери дека заштитна опрема има во доволни количини. Во Министерството за здравство, како што рече, има една голема резерва, опремата се троши, но и се дополнува.
Министерот информира дека еден возач од итна медицинска помош е позитивен на коронавирусот, тој на работното место бил со целосна заштита опрема и се анализираат неговите контакти во приватниот живот.
Прашан дали се размислува во Општина Шуто Оризари да се направи пункт за тестирање или малку повнимателно да се следи состојбата во тој дел, тој рече дека во таа населба, но и секаде каде што постојат субстандардни услови треба поединечно да се евалуира, па да се понуди и некоја друга опција.
-Во однос на општината Шуто Оризари сметам дека секаде не само таму каде што постојат супстандардни услови дека треба поединечно да се евалуираат, па да евентуално понудиме и некаква друга опција. Дозволете да евалуираме па да евентуално преземеме и дополнителни мерки со цел ризиците за трансмисија да се сведат на минимум, рече Филипче.бт/скс/