Велес, 7 април 2020 (МИА) – Општински Кризен штаб во Велес донесе нови мерки за понатамошни активности во борбата со Ковид – 19 на подрачјето на општината. Како што информираат од Општина Велес, на вчерашната седница биле донесени повеќе заклучоци.
Велешкиот кризен штаб го задолжи ЈКП „Дервен“ да донесе одлука за промена на работното време на Градскиот пазар во Велес и да биде отворен секој ден од 07:00 до 14:00 часот, освен во деновите сабота и недела поради полицискиот час.
Општина Велес беше задолжена да одржи состанок со претставници на сопствениците на поголеми и помали маркети и сопствениците на магацини за прехранбени производи од градот, со цел изнаоѓање начин за намалено движење на граѓаните во маркетите, да се организираат и овозможат онлајн купување и достава на производи и да информираат за можноста да се приклучат кон акцијата за донирање на прехранбени и хигиенски производи за социјално ранливите категории на граѓани од Општина Велес.
Останува во сила мерката за дезинфицирање на возилата на сите влезови во Велес, со поставување на уште еден пункт за дезинфицирање на влезот во близина на Ветеринарната станица.