Македонска Каменица, 7 април 2020 (МИА) – Општинскиот Кризен штаб на Македонска Каменица на состанок ја разгледа актуелната состојба со заразата од Ковид-19 и во согласност со најновите мерки на Владата и Министерството за здравство донесе неколку значајни препораки и заклучоци, меѓу кои поставување пунктови за дезинфекција на автомобили и товарни возила на влезовите во градот кон Делчево и Кочани, како и да продоложи миењето и дезинфицирањето на градските улици и јавните површини во Македонска Каменица.
-За таа цел и подобро остварување на оваа задача ќе бидат ставени во функција сите расположливи средства и ресурси на ЈП „Камена Река“, ТППЕ и Просторните сили на општина Македонска Каменица. Преку вонредни и засилени контроли на Пазарниот инспекторат и МВР во сите јавни објекти, маркети и аптеки ќе се воведе строго регулирање на фреквенцијата на клиенти. Тие се задолжуваат стриктно да ги почитуваат препораките за меѓусебно растојание и одредбите за контролиран влез, излез и престој на одреден број клиенти според големината на објектот, информираа од Кризниот штаб.
Дополнително, на локалните фризерници и салони за убавина им е наложено да престанат со дејноста до завршување на вонредната состојба во државата.
-Воедно, донесена е одлука приватниот сектор на вработените опфатени со времените мерки за заштита од зараза со Ковид-19 да им наложи искористување на годишните одмори според насоките на Владата. Спортските клубови и здруженија да престанат со сите спортски активности и тренажни процеси, кои опфаќаат присуство во спортски објекти и спортски игралишта, а стапува во сила и забраната за користење и присуство на забавните детски паркови, повеќенаменски спортски игралишта, спортски објекти и помошни игралишта на територијата на општина Македонска Каменица. Во наредните денови ќе бидат поставени информативни табли за граѓаните кои ќе ги потсетуваат на забраната за користење, додаоа од Општинскиот кризен штаб во Македонска Каменица.
Исто така, се интензивира и соработката помеѓу Здравствената станица и матичните лекари, Центарот за јавно здравје, МВР и Општинскиот Кризен штаб. Останатите мерки и препораки се објавени на општинската веб-страница, информираа од Општината. вс/хс/