Скопје, 7 април 2020 (МИА) – Државна видеолотарија донира 11.107.000 денари за јавното здравство, со цел да придонесе во напорите за справување со Ковид-19.
Од Државна лотарија информираат дека десет милиони денари од оваа сума се наменети за Министерството за здравство. Дополнително, 615.000 денари во медицинска опрема и материјали за заштита се определени за децата што боледуваат од малигни заболувања. Донација од 492.000 денари ќе добие и Јавната здравствена установа – Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Скопје.
– Нашата земја е исправена пред силен предизвик кој напаѓа на глобално ниво. Од овие причини, брзото реагирање во оваа глобална здравствена криза е многу важно. Во вакви услови неопходна е солидарноста. Државна видеолотарија одлучи да биде дел од заедничката координирана акција која се презема за итно справување со здравствените предизвици, предизвикани од вирусот Ковид-19, се вели во соопштението на Државна лотарија.
Ние, се вели во соопштението, препознаваме дека сме дел од ова општество, поради што постојано настојуваме да го помагаме.
Со донација од 10 илјади евра ќе се помогне итно да се набави медицинска опрема и материјали за заштита на децата кои боледуваат од малигни заболувања. – Тие во ситуација на глобална пандемија од Ковид-19 се изложени на силен ризик. Затоа и одлучивме да реагираме брзо, со цел итно да се изврши набавка на дополнителна заштитна опрема за нив и за нивните родители, но и за медицинскиот персонал кој се грижи за овие дечиња, се вели во соопштението.
Државна лотарија обезбеди и донација од 492.000 денари за Јавната здравствена установа-Специјална болница по гинекологија и акушерство Мајка Тереза Скопје. Средствата од оваа донација ќе бидат употребени за набавка на пет Пулсоксиметри-медицински уреди за новороденчиња.
– Со цел да придонесеме кон нивна заштита, обезбедивме и средства за дезинфицирање во сите автобуси кои сообраќаат на активните автобуски линии на ЈСП Скопје, како и заштитни маски за возачите. Државна видеолотарија како одговорна компанија презеде и низа активности и неопходни протоколи со цел да ги заштити и своите вработени од изложеност на Ковид 19, посочуваат од Државна лотарија. фф/сп/