Скопје, 7 април 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче денеска во видео порака на здравствените работници им го честита Меѓународниот ден на здравјето 7 април, оддавајќи им признание за клучната улога која тие ја имаат во здравствената нега и грижата за нашето здравје.
-Ова обраќање ви го посветувам на вас, здравствените работници. Во овие моменти, исправени пред најголемиот светски здравствен предизвик ја водиме битката на нашата генерација. Коронавирусот од корен го измени нашето секојдневие и ќе направи трајни промени во нашите животи. Но, во оваа битка вие сте хероите. Вашиот труд и пожртвуваност спасуваат животи и токму заради вас луѓето веруваат дека ќе бидат безбедни и здрави, вели Филипче во обраќањето.
Според министерот за здравство, сега здравството и здравствените работници се клучниот столб во државата.
-Знам дека во моментов носите огромен товарот. Заморот полека не стига сите, а не чекаат уште тешки денови. Но, јас верувам дека секој од вас знае колку е важно да издржиме, да останеме посветени, сконцентрирани и да дадеме се од себе да им помогнеме на нашите сограѓани, вели тој.
Министерот Филипче им порачува на здравствените работници дека сега е многу важно да се грижат за себе и за своето здравје.
– Вие сте први на удар на вирусот и морате да се штитите. Без исклучок, штитете се на работното место, но и надвор од него. Грижете се за себе, за да можете да и натаму да се грижите за пациентите, потеницра тој.
Овој ден е ваш ден, вие сте на пиедесталот, вели Филипче, бидете горди на тоа што го работите, на тоа кои сте и колку сте значајни за секој од нас.
-Ви го честитам денот на здравјето и здравствените работници и искрено ви благодарам за се што правите да ја надминеме кризата, посочува министерот за здравство.
Во моментот во земјава покрај своите редовни задачи, сите здравствени работници и здравствениот систем се мобилизирани за справување со коронавирусот и зачувување на јавното здравје. ев/дма/